Донација на магнетни резонанци во болницата „8 Септември“ прославена со шампањ. Граѓаните 2 до 3 месеци чекаат термин за специјалистички прегледи. Пациенти за РСЕ раскажуваат дека од канцер се лечат приватно, оти немаат време да чекаат. Министерот за здравство прстот го впери во своите претходници.
Со шампањ и здравица, премиерот, министерот за здравство и директорот на Градската општа болница „Осми септември“ свечено го отворија новиот дијагностички центар со две томографски магнетни резонанци, кои болницата ги доби како донација од италијанската амбасада.
Министерот Беким Сали и премиерот Димитар Ковачевски пред медиумите се пофалија дека Владата инвестира во квалитетно здравство за пациентите.
„Станува збор за најнова технологија и единствен од ваков тип за снимање на пациентот во стоечка положба“, рече Сали.
„Ниту во време на најголемата здравствена и економска криза не запревме со вложување во квалитетна услуга за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници“, изјави премиерот Ковачевски.
Премиерот не кажа колку и во што вложила Владата, а новите апарати се странска донација. Двете нови магнетни резонанци, како што рече министерот за здравство, чинат 754.168 евра и набавени се во рамки на Програмата за модернизација на биомедицинската технологија во здравството со помош на италијанската амбасада.
За магнетна резонанца пациентите од речиси целата земја мора да доаѓаат во главниот град, а листите на чекање се долги. Очекувањата се дека со двата нови апарати двојно повеќе ќе се зголеми капацитетот за снимање пациенти на дневно ниво. Сепак, додека Владата се фали со инвестиции во здравството, на терен пациентите и натаму се соочуваат со низа проблеми кога треба да отидат во болница. Компјутерскиот томограф во Клиничкиот центар со месеци не работеше, па пациенти не можеа да ги извршат снимањата.
Системот на Мој Термин, пак, покажува дека во наредните три месеци во сите шест јавни здравствени установи во Скопје каде има можност да се направи мамографија нема слободен термин. Термини нема ниту за ехо на дојка, колоноскопија и спирометрија, за овие услуги треба да се чека три месеци. Во недостиг на термини, единствена опција за пациентите кои немаат време да чекаат по три месеци за преглед е да си платат приватно.