Власта и опозицијата ќе формираат работна група за францускиот предлог

По дводневни консултации меѓу власта и опозицијата договорено е да се формира работна група за францускиот предлог. Освен пратеници, во неа ќе учествуваат и министри и партиски функционери.

Целта е да ги приближат ставовите за францускиот предлог.

Францускиот предлог вчера не се најде на усвојување на владината седница, а работната група ќе ја пролонгира и собраниската расправа за него .

Неофицијално, Владата нема да брза со усвојување на документот, бидејќи консултациите уште траат.

Предлогот е во работната група да учествуваат по двајца претставници од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, по еден од ДУИ и Алијанса за Албанците и уште еден од помалите парламентарни партии.

Се споменуваат како претставници од СДСМ во групата да бидат вицепремиерот за евроинтеграции Бијан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески. Според СДСМ, предлогот е „добра основа“ и партијата и дава поддршка на Владата да го продолжи процесот на консултации за носење конечна одлука.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивниот предлог ќе е „во насока на заштита на идентитетот, јазикот, но и оттргнување од бугарските мегаломански барања врзани со негирање на историјата“.

Од текот и исходот на работата на работната група ќе зависи кога претседателот на Собранието Талат Џафери ќе ја закаже седницата за францускиот предлог.