Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, на прес-конференција по собранискиот колегиум со претставници на коалициите „Србија против насилството“ (СПН) и НАДА изјави дека не може да го прифати барањето на опозицијата сите локални избори да се одржат во ист ден и најави дека денеска ќе ги распише изборите за градот Белград и тоа за 2 јуни.
Мирослав Алексиќ, претставник на коалицијата „Србија против насилството“, изјави дека власта не се согласила сите локални избори да се одржат во ист ден и дека тие сакаат да одат на избори, но власта избрала да оди на избори без опозицијата.
-Не сакам како претседател на Собранието, за првпат во историјата на Србија, да правиме недемократски преседан со кој ние како собрание ограничуваме нечиј мандат, мислам дека тоа е длабоко опасен преседан што задира во демократските принципи, изјави Брнабиќ.
Таа изјави дека барањето на опозицијата е сите избори да се одржат на 2 јуни.
-Не сум подготвена да зборувам за тоа, но дадов алтернативен предлог денеска до полноќ да се распишат изборите само во Белград за 2 јуни. Се договоривме да ги преместиме изборите во Белград до крајниот можен законски рок… и сите други избори да ги има на истиот датум и да разговараме тие избори, што паѓаат во јули или август, да бидат во септември или октомври, изјави Брнабиќ, и додаде дека „за жал, тие веднаш го одбија тој предлог и кажаа или сите три барања или ниту едно, рече Брнабиќ.
Претседателката на Собранието рече дека е особено загрижена што претставниците на СПН одбија експлицитно да работат заедно на натамошното спроведување на препораките на ОДИХР, и дека денеска ќе ги распише белградските избори за 2 јуни.
-Моја законска и уставна обврска е да ги распишам до полноќ, можеше и порано, но на барање на опозицијата и на српскиот претседател Александар Вучиќ, изборите во Белград беа поместени за 2 јуни, рече Брнабиќ.
Претставникот на коалицијата Србија против насилство, Мирослав Алексиќ, претходно денеска изјави дека власта не се согласила сите локални избори да се одржат во ист ден и дека несогласувањето со тоа ја потврдува нивната намера и во следните изборен процес да продолжат да го прават она што го прават – селењето на гласачи, притисок врз гласачите, како и фантомски гласачи.
-Ние сакаме да одиме на избори, но власта избра да оди на избори без опозицијата. Или ќе имаме избори или нема, рече Мирослав Алексиќ, пред коалицијата СПН, по собранискиот колегиум за подобрување на изборните услови со претставниците на власта.
Тој рече дека власта нема одговор на прашањето на опозицијата зошто е невозможно сите локални избори да се одржат во ист ден и додаде дека претседателката на Собранието Ана Брнабиќ ги информирала дека денеска ќе ги распише изборите во Белград.
Тој потсети дека 18 април е краен рок за промена на законот за локални избори, со што рокот за распишување избори би се зголемил од 120 на 150 дена, со што би се создале услови сите избори да се одржат во ист ден – 2 јуни.
Алексиќ не сакаше да одговори дали опозицијата ќе ги бојкотира изборите, во случај сите локални избори да не се одржат во ист ден.
Власта и опозицијата за првпат по декемвриските избори се најдоа на иста маса во парламентот во понеделник, на 1 април, за да разговараат за условите за изборите, но, како што им беше кажано на новинарите, договор не е постигнат.