
Владиниот авион најмногу летал за Будимпешта, најчесто го користеле министерот Николоски и претседателката Сиљановска-Давкова
Според податоците, за една и пол година, од средината на 2024 до крајот на 2025 година, владиниот авион бил употребуван околу 40 пати, без летовите за сервисирање и двата лета – медицинскиот и за евакуација на патници. Авионот се сервисирал девет пати
Скопје – Будимпешта е релацијата на која најмногу летал владиниот авион. Дури седум пати се летало кон престолнината на Унгарија во периодот откако e формирана владата на премиерот Христијан Мицкоски, односно од јуни 2024 година до декември 2025 година, објави телевизија Телма повикувајќи се на документи од Службата за општи и заеднички работи во Владата.
Од министрите, владиниот авион најмногу го користеле министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски, а најчесто летал токму за Будимпешта. Тој го користел авионот 11 пати, од кои шест пати бил таму.
Според Телма, имало случај кога владиниот авион бил упатен на сервис во германскиот град Нирнберг на 12 јануари лани. Оттаму бил упатен кон Будимпешта, го зел Николоски и се вратиле во Скопје. Министерот за транспорт и врски летал и за Лондон, Прага, Виена, а летал и на релација Скопје – Истанбул и назад, но не директно за Скопје, туку прво застанал во Охрид.
Повеќе од Николоски владиниот авион го користела само претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа летала 13 пати. Во соседството била до Тиват, Подгорица, Тирана, а имала и летови до Рим, Истанбул и Копенхаген.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, го употребил владиниот авион седум пати. За еден лет од Скопје до Џеда во Саудиска Арабија, како корисник се наведува „претседател на Собрание“, но на листата нема податоци за патниците.
Премиерот Мицкоски владиниот авион го користел трипати. Еднаш бил до Будимпешта, а на 10 август лани заминал за Сплит. Во тој период медиумите информираа и дека неколку дена Мицкоски ќе одмара во Хрватска. Тој патувал и до Тирана. За еден лет од Скопје до Белград нема целосни податоци, пишува дека корисник е претседател на Влада, но графата за патници е празна.
Исто колку и премиерот владиното летало го користел и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој патувал до Ротердам, Белград и Стразбур. Во еден случај летал и до Прага, но патувањето било организирано од Министерството за енергетика, транспорт, и земјоделство.
Два лета од МНР биле организирани за други цели, едниот за транспорт на повредени од пожарот во Кочани, а другиот за евакуација на граѓани од Израел.
Од документите, како што додава Телма, може да се види дека со владиниот „лирџет“ летала и министерката за енергетика Божиновска, еднаш до Белград и еднаш до Прага. Во Будимпешта бил и министерот за локална самоуправа Златко Перински. Таму заминал со уште четири лица. Во авионот еднаш седнале и министерката за образование и наука Весна Јаневска и поранешниот министер за животна средина Изет Меџити. Двајцата патувале до Лондон.
Според податоците, за една и пол година, од средината на 2024 до крајот на 2025 година, владиниот авион бил употребуван околу 40 пати, без летовите за сервисирање и двата лета – медицинскиот и за евакуација на патници. Авионот се сервисирал девет пати.