Владина делегација предводена од премиерот Ковачевски, положи цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски

Владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, положи цвеќе и оддаде почит на патронот на македонската култура, една од најзначајните личности за македонската писменост, Свети Климент Охридски, во рамки на одбележувањето на денешниот голем државен празник 8 Декември – „Св. Климент Охридски“.

Во состав на владината делегација се заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ и заменикот министер за транспорт и врски, Беким Реџепи.

Пред споменикот на Свети Климент Охридски, на платото пред истоимената Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, во Скопје, во чест на големиот просветител и духовник, основач на Охридската книжевна школа, положија цвеќе и оддадоа почит и делегации од Собранието на Република Северна Македонија, од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, од Армијата на Република Северна Македонија, од Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија, претставници од дипломатски кор, од парламентарни политички партии.

Владата на Република Северна Македонија продолжува активно да ги штити и промовира македонскиот јазик, литература и култура, како достоинствен начин на продолжување на светиклиментовото просветителско дело.