Владината делегација која оди за Абу Даби ќе биде минимална, вели Ковачевски

Владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски која утре треба да патува за Обединетите Арапски Емирати ќе биде минимална, изјави денеска премиерот.

Како што истакна Ковачевски, заедно со него ќе патуваат и министерот за финансии, Фатмир Бесими со раководителот на секторот за меѓународни финансии, додека министерите за земјоделство и за транспорт и врски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски ќе одат без ниту еден кабинетски советник. Од Кабинетот на премиерот ќе патува еден советник задолжен за организација и еден претставник од секторот за односи со јавност.

Посетата на Абу Даби ја најави министерот за финансии Фатмир Бесими минатиот понеделник.

– Таму ќе ги претставиме нашите макроекономски политики, развојните цели во нашата земја и ќе оствариме средби со претставници на неколку фондови, изјави тогаш Бесими.