Панчевски дисквалификуван од трката за јавен обвинител, останатите добија позитивно мислење

Советот на јавни обвинители реши да го дисквалификува Владимир Панчевски од трката за државен јавен обвинител. Причина за тоа е што Советот утврди дека Панчевски не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за јавно обвинителство.

Советот на јавни обвинители реши да го дисквалификува Владимир Панчевски од трката за државен јавен обвинител. Причина за тоа е што Советот утврди дека Панчевски не ги исполнува законските услови предвидени во Законот за јавно обвинителство.

Согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот, изјавија од Советот. Со оглед на наведеното, Советот смета дека кандидатот не ги исполнува законските услови и не треба да биде ставен на листата на кандидати за кои ќе се гласа.

Панчевски во минатото беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања поради злоупотреби со АКМИС системот, односно електронскиот систем за распределба на предмети кај судии.

Кандидатката Анита Тополова Исајловска, која моментно е в.д државен јавен обвинител, доби позитивно мислење од Советот. Членовите посочија дека се работи за обвинител со долгогодишно искуство, дека поседува углед, морални вредности и менаџерски квалитети. Сите членови гласа таа да добие позитивно мислење.

За обвинителката Лидија Раичевиќ членовите на Советот, исто така, посочија дека е обвинител со интегритет и долгогодишно искуство и работела на многу тешки предмети. И Раичевиќ доби позитивно мислење.

Едногласна поддршка доби и Ленче Ристовска, за која 10 членови на Советот гласаа „за“, односно дадоа позитивно мислење. Позитивна оценка од сите 10 членови доби и судијата од Кривичен суд Скопје, Ненад Савевски.

Изборот на државен обвинител следува по оставката на обвинтелот Љупчо Коцевски.