
Владимир Лапе, препознатливото лице на македонскиот журнализам, почина на 79 години
По кратко боледување на 79 години денеска почина Владимир Лапе, долгогодишен новинар и доајен на македонското новинарство.
По кратко боледување на 79 години денеска почина Владимир Лапе, долгогодишен новинар и доајен на македонското новинарство.
Роден е во Скопје во 1946 година. Со новинарство започна да се занимава уште од студентски денови во средината на 60тите години во редакцијата Млади за млади во тогашното Радио Скопје, а потоа и како еден од уредниците на првиот бран прогресивни новинари уредници на неделникот за млади „Фокус“. Тој беше дел и од студентските протести во Скопје во бунтовната 1968 година и тоа во нивните најистакнати редови.
Во Македонската телевизија тогашна Телевизија Скопје започнува со работа во 1970 година и ги поминува сите професионални скалила, од новинар коментатор, водител, до главен и одговорен уредник за надворешна политика на МРТ.
Лапе ќе остане запаметен како еден од најпрепознатливите ликови на македонскиот журнализам, особено во телевизиското новинарство. Имаше големо познавање прво за југословенската, а потоа и за македонската надворешна политика.
Во текот на кариерата известувал за сите позначајни настани од значење за надворешната политика на Македонија, од сите континенти, вклучувајќи го приемот на земјава во ООН во април 1993 година. Во првите години на независноста Владимир Лапе известуваше од многуте преговори во ЕУ околу проблемот со името на Македонија и беше клучниот телевизиски новинар кој на македонската јавност ѝ ги соопштуваше деталите од тие неизвесни денови.
Целиот свој работен век го посвети на новинарството, работејќи неуморно. Се пензионираше во 2010 година.