Владиката Петар: Трагедии ни го потресоа општеството, не смееме да дозволиме човечкиот живот да стане бројка

-Но, возљубени, токму во деновите кога се подготвуваме да ја примиме оваа радост, сведоци сме на страшна трагедија што го потресе нашето општество – трагедија во која мајка, притисната од тежината на животот, го одзеде својот и животот на своето дете. Да се посегне по својот живот, на своето дете, или по било чиј, е трагичен писок на душата која ја изгубила надежта. Овој болен настан, самоубиство и убиство на сопствено дете, кој современиот јазик го именува како суицид и филицид, не смее да остане само вест што ќе ја заборавиме, туку треба да стане повик на будење за сите нас, вели владиката.

Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар упати велигденско послание до верниците, во кое покрај духовната порака за Воскресението Христово, испрати и сериозна опомена за состојбите во општеството.

Во обраќањето, владиката нагласува дека Воскресението не е само спомен, туку жива сила што го осветлува патот на човекот и ја победува смртта, гревот и очајот.

-Но, возљубени, токму во деновите кога се подготвуваме да ја примиме оваа радост, сведоци сме на страшна трагедија што го потресе нашето општество – трагедија во која мајка, притисната од тежината на животот, го одзеде својот и животот на своето дете. Да се посегне по својот живот, на своето дете, или по било чиј, е трагичен писок на душата која ја изгубила надежта. Овој болен настан, самоубиство и убиство на сопствено дете, кој современиот јазик го именува како суицид и филицид, не смее да остане само вест што ќе ја заборавиме, туку треба да стане повик на будење за сите нас.

Оваа трагедија сведочи дека многу луѓе живеат во тишина на болка, во страв, во срам, во безизлезност, често оставени сами на себе. Таа нè потсетува дека семејното насилство, психичкиот товар и очајот не се само лични проблеми, туку рани на целото општество.

Покрај случајот со Ивана и ќерка ѝ Катја, се случија уште четири убиства во четири последователни дена: на Климе Митрески, потоа, убиството на мајката од раката на синот во Росоман, исто така, убиството на таткото од страна на синот во Гостивар, и убиството на ловочуварот кај Виница.

Секој човек претставува икона Божја. Секој човечки живот е свет, бесценет и неповторлив. Тој е Божји дар, и никој нема право да го уништи и одземе, но исто така, никој не смее да биде оттурнат до таа бездна на очај каде што животот ќе изгледа како товар”, рече митрополитот.

Тој порача дека општеството треба да се разбуди.

-Истовремено, ова е особено сериозен повик до надлежните институции, но и до секој член на општеството. Не смееме да дозволиме човечкиот живот да стане бројка во извештај, случај во архива или тема за краткотрајна расправа. Да не ги игнорираме знаците на страдање, да не ги премолчуваме случаите на насилство, да не дозволиме човек да биде оттурнат до работ на бездната. Ова е повик за одговорност – сериозна, будна и навремена реакција.

Да бидеме народ и Црква што прегрнува, што утешува, што љуби, што спасува.

Воскреснатиот Христос нека им даде сила и надеж на страдалниците и безнадежните, покајание и преумување на насилниците; и нека ги просветли умовите и срцата на сите нас, за да го чуваме и цениме дарот на животот, рече митрополитот.