Владиката на руската црква за Западна Европа бил зависник од покер – Патријархот Кирил го смени

Во заднината на оваа смена е и тоа што епископот Нестор ја осуди руската инвазија на Украина.

Митрополитот Нестор Корсунски и Западноевропски е отстранет од функцијата поглавар на Егзархијата на Западна Европа. Одлуката ја донесе патријархот Кирил, поглавар на Руската православна црква наведувајќи го покренувањето на црковна судска постапка против епископот. Егзархијата ги вклучува епархиите во Франција, Велика Британија, Белгија, Италија, Ирска, Шпанија, Швајцарија, Португалија, Лихтенштајн, Луксембург и Монако.

Причината за судењето не е откриена. Сепак, „Нова Газета Европа“ дознава дека незадоволството на патријархот произлегува од страста на Нестор кон покерот. Со години, митрополитот учествувал на меѓународни покер турнири под своето световно име Евгениј Сиротенко. Неговиот профил е наведен во најголемата база на податоци за покер во живо. Фотографии од епископот направени за време на турнирите се објавени на порталот Pokernews. Според официјалната статистика од The ​​Hendon Mob, вкупните добивки на Нестор во текот на годините учество во покер натпревари надминуваат 47.000 долари. Врховниот црковен суд мора да ги оцени овие факти, како и користењето на средствата на Руската православна црква од страна на свештеникот за овие цели. Апостолските канони предвидуваат расчинување за коцкање.

Сепак, неговата зависност од покер можеше да биде само формална причина за неговото разрешување. Познато е дека Нестор ја осуди руската инвазија на Украина. На 6 април 2022 година, тој и надбискупот Франциско Хавиер Мартинез, претставник на Конференцијата на шпанските католички бискупи, објавија заедничка декларација во која потсетуваат на антивоените заповеди на Евангелието, повикувајќи на „крај на насилството и варварството и во својата совест да се слуша гласот на Бога, кој го отфрла злото“.

Нестор, исто така, одби да го разреши од епархијата протојерејот Андреј Кордочкин, ректор на Мадридската катедрала на Руската православна црква, иако патријархот Кирил го суспендирал од службата поради осудување на војната.

Новинарката и црковен истражувач Ксенија Лученко верува дека митрополитот можеби бил наместен од оние кои не се задоволни од неговите ставови. „Тој не го промовираше рускиот свет. Не се поклонуваше доволно ниско… Секогаш беше на страната на своите свештеници, а не на патријаршијата, и се залагаше за нив“, забележа таа. (Независен)