За членството на СОНК не е прифатлив предлогот на Владата за 10 проценти покачување на платите со кој би се прекинал штрајкот, па затоа и денеска штрајкот во училиштата и градинките во земјава продолжува.
Од Владата порачуваат – Несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство.
„Зголемувањето на платите од 10 проценти во детската заштита, основното и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата“ – соопшти претседателот на СОНК, Јаким Неделков, на прес-конференција.
За СОНК е неприфатливо тоа што добиле устен предлог за 10 процентно зголемување на платите, односно 95 проценти од синдикалните организации се изјасниле за отфрлање на таквата понуда.
Од Владата, пак, оценија дека одбиената понуда за 2 500 денари покачување на платата значи дека СОНК ги става личните интереси пред оние на децата. Синдикатот, велат од Владата, треба да има верба во институциите, бидејќи и претходно низ партнерски дијалог беше постигнато зголемување на платите на наставниците и на вработените во градинките од 21 процент.
„Најдобриот интерес на децата треба да ни е на прво место, бидејќи правото на образование на секое дете е уставно загарантирано право. Учениците треба да се вратат во училиштата, таму каде што припаѓаат. Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата, со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованието, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“ – велат од Владата.