Влада: Институциите да најдат решение за лековите за цистична фиброза

Владата денеска задолжи неколку институции за набавка на лекови за пациентите до Цистична фиброза, соопшти владината прес-служба по одржаната седница на 1 февруари.

На седницата ја разгледале Информација од Министерството за здравство за потребата од обезбедување пари за Универзитетска клиника за детски болести Скопје, зa набавка на терапија за пациентите со Цистична фиброза.

Како што информираа, заклучено е Министерството за финансии, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување да одржат координативен состанок и да достават предлог решение.

Во Македонија има околу 130 пациенти со болеста, од кои нешто повеќе од половина може да ја примаат нова модуларната терапија, која ја нема во земјава.

Новата модуларна терапија беше одобрена во САД во 2019 година, а кратко потоа дојде и во Европа. Се работи за лековите Трикафта и Калидеко, кои дадоа досега невидени резултати кај голем дел од пациентите кои честопати се борат за здив, значително подобрувајќи ги симптомите на болеста.

Македонија е единствена земја во регионот која не ја обезбедува терапијата која ја бараат пациентите со цистична фиброза. Лекот трикафта се дава во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора.