Владата јавно ги осудува крајно нецивилизираните напади и навредите искажани во Собранието од страна на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кон високи претставници на Европската Унија.
- Најостро го осудуваме говорот на омраза којшто деновиве опозицијата упорно го шири и се обидува да го наметне во јавноста од собраниската говорница, но и од блокадите и протестите на улица. Главната цел на овие срамни и ниски напади е да го попречат патот на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес, соопшти владината прес-служба.
Позициите на Владата се јасни и, како што се наведува, цврсто сме решени да станеме дел од европското семејство каде што и припаѓаме, штитејќи ги националните интереси и македонскиот јазик. Од Владата нагласуваат дека со целиот свој капацитет ќе продолжат да работат на просперитетот на земјата и нејзино полноправно членство во Унијата.