Владата ќе одлучува дали прехранбениот сектор ќе остане без субвенционирана струја

Најавата за можно укинување на мерката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија бидејќи не се намалени цените на основните прехранбени производи, вчера се официјализираше со таков предлог од Министерството за економија до Владата.

Со мерката, што се применува веќе три месеци, се опфатени компании што произведуваат – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија.

Од Министерство за економија вчера попладне соопштија дека доставиле предлог до Владата да се укине мерката откако нивните анализи покажале дека голем дел од компаниите што користеа субвенционирана електрична енергија од „ЕСМ Продажба“ по цена од 80 евра за мегават час не ги намалиле цените на основните прехранбени производи.

По стартот на мерката и реакциите во јавноста дека нема забележливи намалувања на цените на прехранбените производи, од Владата и Министерството за економија во неколку наврати апелираа да се исполни договореното за поевтинување на производите. Министерот за економија Крешник Бектеши пред неполн месец ги предупреди компаниите дека ќе останат без субвенцијата, ако во меѓувреме не го исполнат договорот за поевтинување на производите и најави дека за конкртни предлози и одлуки ќе се почекаат анализите од Државниот пазарен инспекторат.

Пред објавата од Министерството за економија дека е доставен предлогот, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за компаниите кои не го почитуваат џентлменскиот договор меѓу Владата и стопанските комори за намалување на цените на нивните производи, не треба да важи мерката за набавка на електрична енергија по субвенционирана цена.