![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/01/marketi-730x430.webp)
Владата ќе ги замрзне маржите за 100 групи производи, мерката ќе важи до 30 април
Владата денеска реши да се замрзнат маржите на основните прехранбени и непрехранбени производи, како мерка со која верува дека ќе застане на пат на високите цени во маркетите. Маржите во трговијата на мало ќе се ограничат на 10 отсто, а исто толку и во трговијата на големо.
Владата денеска реши да се замрзнат маржите на основните прехранбени и непрехранбени производи, како мерка со која верува дека ќе застане на пат на високите цени во маркетите. Маржите во трговијата на мало ќе се ограничат на 10 отсто, а исто толку и во трговијата на големо.
Министерството за економија и труд е задолжено да ја изготви одлуката која потоа треба да биде донесена на владина седница по што ќе почне да се применува. Оваа мерка ќе важи до 30 април.
„Владата го задолжи Министерството за економија да ја донесе следната предлог мерка:
Одлука за 10-процентно ограничување на маржата во трговија на мало и 10 проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи, односно на истите 73 групи на производи кои беа во претходните кошници“, рече на прес-конференција во Владата, портпаролката Марија Митева.
Таа додаде дека листата ќе се дополни со средства за хигиена, како што се детергентите и плус ќе се дополни со бебешката храна и други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.
„Очекуваме да бидат вклучени над 100 групи на производи“, рече Митева, додавајќи дека мерката е предвидено да трае од денот на донесување, што се очекува да биде „за многу брзо од денес“ и да трае заклучно со 30 април 2025 година.
Таа посочи дека Владата им препорачува на сите маркети да започнат процедура за транспарентно објавување на сите производи и нивно дневно ажурирање на дневна основа.
Целта на оваа препорака, како што рече, е да се придонесе за поголема транспарентност, од каде граѓаните сами ќе може да одлучат во кои од маркети ќе пазарат, да ја видат разликата во цените, а се цени дека ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување, ќе придонесе кон усогласување на самите цени на производите.
Дополнително Владата го задолжи Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции, како што се Државниот пазарен инспекторат, министерствата за финансии и земјоделство, КЗК и други каде што ќе можат да се разгледуваат и други предлози и мерки кои што ќе придонесат за долгорочно решавање на оваа состојба, додаде Митева.
Одговарајќи на прашања на новинарите дали оваа мерка значи дека нема да има Велигденска и Рамазанска кошница, Митева одговори дека мерката ќе ги вклучи практично и двата празника, но Министерствто за економија дополнително ќе разгледува дали надвор од ова ограничување со маржите, ќе има потреба да се носат и некои дополнителни кошниџци како што беше случајот со Есенската и Новогодишната.
„Но, во овој момент Владата врз основа на извештајот од ДПИ, одлучи да ги предвиди овие мерки“, рече Митева.
Таа додаде дека од извештајот на ДПИ произлегува дека кај трговците на мало, односно кај маркетите, кај основните прехранбени производи кои што се најфреквентни, како леб, млеко зејтин и тн. имало над 20 проценти маржа.
„Има над 30 проценти бруто профитна маржа кај основни непрехранбени производи, како средсвата за лича хигиена. До петок е предвидено да се направи дополнителна контрола кај производителите на млеко и млечни производи и месо и месни производи“, рече Митева.
Таа исто така додаде дека извештајот на ДПИ, покажал дека кај увозници дистрибутери се утрвдени повисоки маржи кај трговијата на големо што се движат и до 50 проценти.
„Така што овие показатели беа нешто поради што Владата одлучи да ја преземе оваа мерка за ограничување на маржите“, рече Митева.