Владата ќе бара ново решение за трасата на Коридорот 8 ако УНЕСКО не даде дозвола за делниците што минуваат низ заштитени подрачја

Изјавата на Мицкоски следува откако опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села и ДУИ изминативе денови обвинија дека Владата се подготвува да направи девијација на Коридорот 8 и да го напушти предвидениот правец, како изговор користејќи го заштитеното подрачје на УНЕСКО низ кое треба да помине дел од трасата.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе бара ново решение за трасата на Коридорот 8 доколку УНЕСКО не даде дозвола за изградба на делниците што поминуваат низ заштитени подрачја. Мицкоски рече дека изградбата на коридорите 8 и 10-д останува приоритет, но нагласи дека Владата нема да води непринципиелна политика и ќе ги почитува правилата за нивна изградба.

„Трасата што е повлечена е во делот на периметарот кој е заштитен од УНЕСКО. Да, има проблем што го истакна УНЕСКО, во јуни конечно ќе знаеме што ќе се случува. Денеска и вчера министерот Тимчо Муцунски е во Париз на состанок со највисокото раководство на УНЕСКО. Тие ќе дојдат во Македонија и доколку таа траекторија што ја предвиделе и натаму е спорна за нив – ќе бараме друго решение“, рече Мицкоски.

Во однос на обвинувањата на опозициските партии од албанскиот блок дека Струга нема да биде поврзана со автопатот Кичево-Охрид, премиерот рече дека стружани, но и граѓаните на целата територија на државата, вклучително и од општините вдолж коридорите 8 и 10, треба да се спокојни бидејќи никој нема да биде заборавен.

„Конструкциите и обидот за етничка поларизација од страна на опозициските партии и одредени медиуми нема да го коментирам. Нема да дозволам додека јас сум претседател на Владата да има етничка поларизација во државата бидејќи ако така гледаме во општините Кичево, Дебарца, Охрид, Струга и Вевчани мнозинско население е убедливо македонското. Така што, јас одредени опозициски политичари од албанскиот блок нема да ги коментирам. Нам како Влада ни одговара да се гради затоа што на тој начин се зголемува БДП, а со зголемување на БДП ние сме поуспешни и на финансискиот пазар и кај граѓаните“, додаде премиерот.

Тој ја обвини претходната влада дека за три години единствено што реализирала е само аванс за коридорите 8 и 10-д за кој, како што рече, најверојатно наплатила и провизија. Во врска со темата за Коридорот 8, премиерот ги упати опозициските партии од земјава да се обратат до политичарите во соседна Албанија.

„Таму автопатот нема да биде до Ќафасан, нема да биде ниту експресен пат, ќе биде на 20 до 25 километри пред Ќафасан. Мора да ги кажуваме работите такви какви што се. Тоа е вистинското прашање“, рече тој.

Изјавата на Мицкоски следува откако опозициските Алијанса за Албанците на Зијадин Села и ДУИ изминативе денови обвинија дека Владата се подготвува да направи девијација на Коридорот 8 и да го напушти предвидениот правец, како изговор користејќи го заштитеното подрачје на УНЕСКО низ кое треба да помине дел од трасата.