Владата промовира фотоволтаици, а го кочи процесот ако сами не произведуваат струја, на бизнисите им следи курцшлус
Бизнисмените очекуваат како одговор на кризата да се овозможи зголемено производство од домашните капацитети и поедноставување на процедурите за поставување фотоволтаични централи, наместо од нив Владата да бара да ги исклучуваат светилките во погоните и да штедат струја која ја штедат со години.
Ќе се затвораат фирми и ќе се отпуштаат работници, ако во текот на зимскиот период високите сметки за струја и можните рестрикции и испади на системот ги блокираат производството и финансиите, предупредуваат бизнисмени.
Сметките за струја и за претходниот месец во одделни сектори се зголемени за најмалку 2,5 пати, а во некои и до 4 пати, а за периодот што следи бизнисмените очекуваат износот да се зголемува бидејќи најавите се дека цената на струјата ќе расте, а може и да нема од каде да се увезе во текот на зимскиот период. Тие очекуваат како одговор на кризата да се овозможи зголемено производство од домашните капацитети и поедноставување на процедурите за поставување фотоволтаични централи, наместо од нив да бара да ги исклучуваат светилките во погоните и да штедат струја која ја штедат со години.
– Лани дел од фирмите во текстилниот сектор затворија поради ударот од високите цени на струјата, а годинава можно е и дополнително да се зголеми бројот на затворени фирми поради истата причина. Состојбата е алармантна бидејќи новите сметки и за малите компании кои добиваат струја од домашен пазар се повеќе од двојно зголемени, кај некои 50 и 100 отсто зависно колку ја користат во процесот на производство, а какви ќе бидат трошоците во зима кога дополнително ќе се користи и загревање на погоните, може да се претпостави – вели Маријана Перковска од Текстилниот кластер.
Според неа, уште поголем проблем ќе биде ако се воведат рестрикции на струјата или има испади на системот што не е невозможно оваа зима бидејќи и поразвиените земји се соочуваат со истиот проблем.
– Не знам каков е планот Б на владата околу ова прашање, но за компаниите тоа ќе биде голем удар. Ние треба да знаеме што планира владата за да се преструктурираме и го испланираме работењето. Секој испад кај нас значи хаварија на технолошкиот процес и машините, а потоа ќе имаме и проблем да го произведеме договореното производство за нашите партнери во странство. Рестрикциите, пак, се друга приказна која ќе предизвика проблеми со организацијата на работа и работниците и плаќањето на нивната работа. И во овој случај треба да бидеме подготвени за реакција. Во секој случај потребна е соработка со институциите, но и помош од владата – вели Перковска.
Според неа, одвишно е од компаниите да се бара да штедат струја, бидејќи тие со години се обидуваат да ја намалат потрошувачката во деловите каде што тоа е можно.
– Штедиме на секој можен процес, но дали ќе можете да не ги вклучувате машините, да не пеглате и слично? Тоа е основниот процес за кој се троши струјата – вели таа.
Голем проблем со сè повисоката цена на струјата има и рударскиот сектор, посебно рудниците на обоени метали каде што потрошувачката на струја во процесот на производство е висока, а цените на нивниот производ на берзите бележи пад.
Поранешниот директор на „Бучим“ Николајчо Николов вели дека рудниците на обоени метали кои обезбедуваат струја на слободен пазар веќе подготвуваат планови како ќе работат во следните месеци.