Владата одобри 18 милиони евра за непречено греење на скопјани
ладата на денешната седница одобрила средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје. На седницата била донесена одлука, како што се наведува во соопштението, за одобрување на 1,1 милијарда денари или речиси 18 милиони евра за набавка на енергенси, пред почетокот на грејната сезона, на АД „Електрани на Северна Македонија“.
„Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона“, се наведува во соопштението на владината прес-служба.
Премиерот Димитар Ковачевски претходно денеска изјави дека за топлинската енергија во Град Скопје има два дела- затоплување на градот од нов оператор, за што ЕСМ веќе има добиено лиценци и второ, обезбедување гас за работа на ТЕ-ТО.
„Тоа се разговара на повеќе нивоа и со повеќе држави, со оглед на енормно високите цени на природниот гас, заради војната во Украина. Штом ќе бидат договорени и изнајдени најсоодветните извори на снабдување на гас, ќе бидат информирани и граѓаните“, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по настанот за презентација на Проектот за поврзување на локалните патишта.
За доверителските односи меѓу ЕСМ, БЕГ или друг провајдер на услуги, Ковачевски изрази уверување дека ќе бидат решени согласно со Законот за трговски друштва и облигациски односи.