Владата одлучи да додели статус на стратешка инвестиција на компанијата „Митилинеос“ ДООЕЛ за градење постројка за производство на електрична и топлинска енергија

Владата одлучи да додели статус на стратешка инвестиција на компанијата „Митилинеос“ ДООЕЛ Скопје, фирма-ќерка на грчкиот индустриски конгломерат Митилинеос, која ќе гради постројка за производство на електрична и топлинска енергија, чија вредност се проценува 211 милиони евра.

Одлуката е донесена согласно Законот за стратешки инвестиции, а по јавен повик за поднесување барање за утврдување стратешки инвестициски проект кој беше објавен на 31 јануари годинава.

Грчката инвестиција ја најави уште поранешниот премиер Зоран Заев, непосредно пред оставката од функцијата лани, кога тој најави дека „Митилинеос е пред одлука за изградба на гасна електрана со капацитет од 110 мегавати во Скопје, а во главниот град ваква постројка ќе изгради и државното АД ЕСМ со 54 мегавати“.

Од Владата додаваат дека донесената одлука е во насока на нејзините определби за создавање услови за зголемување на домашното производство на електрична и топлинска енергија.

Инвестицијата се најавува во период кога Македонија е дел од европските планови за диверзификација и за намалување на зависноста од рускиот гас, додека истовремено планот е поврзување со терминалите во Александрополис.

Грчката компанија ја регистрираше дејноста во Македонија на крајот на април. Евангелос Митилинеос, претседател и извршен директор на холдингот, кој беше меѓу бизнисмените кои во 2019 го придружуваа тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас во Скопје, рече дека „Северна Македонија како мала земја не може да се опише како Ел Дорадо, но дека очигледно има можности за бизнис“.