Владата на Мицотакис доби доверба – со 156 гласа отфрлен предлогот за недоверба на СИРИЗА

Недоволни 142 гласа „за“ од пратениците во грчкото собрание доби предлогот на опозициската СИРИЗА за гласање недоверба на Владата на Мицотакис, наспроти 156 гласа „против“ тој предлог и еден воздржан.

Владата на Мицотакис го „преживеа“ гласањето. Резултатот беше очекуван, со оглед на тоа дека актуелната Влада има парламентарно мнозинство од 157 пратеници од вкупно 300 колку што брои Парламентот.

За недоверба на Владата гласаа сите опозициски партии, со исклучок на еден пратеник кој беше воздржан, но сепак не беа постигнати потребните 150 плус еден.

Тридневната расправата започна во петокот попладне, збор зедоа вкупно 190 говорници, од кои 150 пратеници, шест претставници на пратеничките групи, 28 министри и заменици, како и  лидерите на шесте партии во Парламентот.

Мицотакис предлогот на СИРИЗА за недоверба на Владата го коментираше како „потег на очај“. Рече дека Ципрас бара избори, но не спомнува никакви конкретни предлози.