Нов сет на мерки со кои ќе им се помогне на најранливите категории граѓани најави на прес-конференција на 9 октомври, премиерот Димитар Ковачевски. Дел од овие мерки мора да поминат и собраниски филтер, односно да бидат изгласани од пратениците.
По 3000 денари за четири месеци, или вкупно 12 илјади денари ќе добијат околу 42 илјади граѓани приматели на социјала помош, луѓе со попреченост, родители на деца со попреченост кои имаат до 26 години, оние кои земаат помош за нега, луѓе со потешки заболувања, самохрани родители корисница на минимална помош, невработените, за што се одвоени над 8 милини евра.
Вкупно 6000 денари за 4 месеци, или по 1500 месечно ќе има за пензионерите кои зимаат 11.525 денари пензија, а такви има околу 91 илјада пензионери. Помош од вкупно 3000 денари ќе добијат и пензионерите што зимаат од 11.525 до 14 илјади денари пензија. Во таа група има околу 66 илјади пензионери.
Владата ќе обезбеди и помош за образовните и јавните здравствени установи. Школите ќе бидат на регулиран пазар на струја, за што се обезбедени милион евра. А јавните здравствени претпријатија ќе набавуваат струја од ЕСМ по далеку пониска цена од берзанската.
Ќе има и струја за мерни станици на пумпи за вода, по поволна цена од берзанската, за да не останат без вода граѓаните кои се снабдуваат со пумпи.
Најавена е и помош за приватниот сектор, со поповолни кредити, субвенционирање на проекти за енергетска ефикасност и забрзан поврат на ДДВ.
„Никого нема да заборавиме и да оставиме сам да се справува со последиците од кризата. Кризата ќе ја пребродиме сите заедно, рече Ковачевски на прес-конференција по редовната 88. владина седница.