Владата е нестабилна, вели Филипче

Во врска со претстојните локални избори и можниот коалициски партнер од албанскиот политички блок, Филипче посочи дека будно ги следи актуелните меѓупартиски односи во владината коалиција и дека веќе се отпочнати иницијативи за разговори.

Сметам дека владината коалиција е навистина нестабилна. Како ќе се одвиваат работите во коалицијата ќе видиме, меѓутоа јас сум подготвен да разговарам со која било политичка партија, изјави денеска претседателот на Социјалдемократскиот сојуз Венко Филипче, по заедничкиот увид со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во градежните активности за реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк во Скопје.

Во врска со претстојните локални избори и можниот коалициски партнер од албанскиот политички блок, Филипче посочи дека будно ги следи актуелните меѓупартиски односи во владината коалиција и дека веќе се отпочнати иницијативи за разговори.

„Во однос на албански коалициски партнер, постепено ги започнуваме иницијативите за разговори, ги согледуваме околностите, ситуациите, пратиме што се случува во делот на коалицијата во Владата, па во однос на тоа ќе одлучуваме понатаму. Тоа што се случува во коалицијата на Владата укажува на тоа дека навистина коалицијата е нестабилна и не функционира добро. Во различен временски период, прилично краток, дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа дали ќе има или ќе нема предвремени избори, што го става во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, граѓаните тоа практично на своја кожа го доживуваат и секој ден“, вели Филипче.

Прашан дали ќе бара предвремени парламентарни избори заедно со локалните, Филипче рече Социјалдемократскиот сојуз е подготвен за секаков тип на избори во следниот период.

Нагласи дека коалицијата во која што партиципира Социјалдемократскиот сојуз ќе настапи заеднички на претстојните локални избори, како и дека веќе се започнати разговори за советничките места, но, како што рече, не во сите општини, бидејќи некаде дел од партиите ќе настапат самостојно.

Според него, истрагата за трагедијата во Кочани е селективна и вработени во клучни институции после трагедијата не добиваат навремена плата.

„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Ние секојдневно објаснуваме дека истрагата за трагедијата во Кочани е страшно селективна“, вели Филипче.

Прашан за коментар во врска со актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која вчера беше изведена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд поради сомнение за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, Филипче рече дека треба најпрво да се утврди реалната состојба, но, како што рече, било кој и да го прекршил законот треба да понесе одговорност. За тоа дали смета дека треба да остане на функцијата, вели „тука се испреплетени повеќе аспекти, пред сѐ морални аспекти, но да почекаме како ќе реагира претседателката, па потоа да коментираме за тоа“.