Донациите од Македонија кон Украина остануваат воена тајна. Она што е официјално е дека се донесени три одлуки на владина седница за донација на воена опрема. Министерката Славјанка Петровска вели дека не се донесени под притисок на НАТО, туку самоволно, бидејќи Украина беше нападната земја.
„Детали не беа соопштени од безбедносни причини, но тоа не значи дека кога ќе направиме проценка дека не постои никаков безбедносен ризик тие три одлуки ќе бидат декласифицирани и јавноста точно ќе знае во колкава количина и каков вид на опрема и вооружување сме донирале. Околу разните коментари и шпекулации кои настанаа, одлуката која ја донесе Владата апсолутно претставува одлука на суверена и самостојна држава без оглед што сме членка на НАТО“, посочи Славјанка Петровска.
Министерката ги демантира гласините дека со донацијата се намалува воената готовност на нашата држава. Во барањата на Украина било посочено дека им е потребно оружје по можност произведено на истокот, најверојатно заради способноста за ракување со истото.
„Она што беше видливо е транспортот на тенковите нема да соопштиме во која количина, меѓутоа да дел од таа донација се и тенковите. Тие не се дел од формацијата на армијата, не се потребни. Она што е особено значајно за да се разбијат сите шпекулации и потребно да се знае е дека при носењето на политичките одлуки, апсолутно првенствено беше консултиран Генералштабот, затоа што тие се одговорни за гарантирање на борбената готовност на нашата држава“, вели Славјанка Петровска.
Од генералштабот велат дека со донациите не е нарушена борбената готовност на армијата.