Владата договара состаноци со контактите на Мицкоски за гас и мазут

Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека утре владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски ќе има средба со компанијата за природен гас за која контактите ги даде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Средбата ќе се одржи надвор од земјава, а како што изјави Бектеши, јавноста детално ќе биде информирана за разговорите и понудата.

Од македонска страна, напомена, веќе се пратени количините и потребите, вклучително и потребите на ТЕ-ТО.

„Се работи за компанија регистрирана во Европа. Согласно најавите утре понудата треба да се детализира од страна на компанијата и ќе ја известиме јавноста откога ќе ги завршиме преговорите.Средбата нема да биде во Скопје, туку надвор од Северна Македонија. Ние во текот на утрешниот ден ќе се вратиме и јавноста ќе биде информирана за понудата и за тоа како течеа преговорите“, истакна Бектеши.