Владата доби писмо за намери од унгарски мобилен оператор
Министерот за транспорт Александар Николоски на денешната владина седница информираше дека е пристигнато писмо со намери од операторот 4iG групација од Унгарија.
Ова писмо доаѓа откако Владата информираше дека има намера да ја зголеми конкуренцијата и намалување на цените на услугите во мобилната и фиксната телефонија, а неодамна министерот Николоски во Будимпешта имаше средба со Гелерт Jaсаи (Gellert Jaszai), претседател на 4iG групацијата, вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија.
„4iG Групацијата е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија. Во 2022 година, 4iG групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE. 4iG Групацијата изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на 4iG групацијата за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан“, соопшти Владата на Македонија.