„Апелирам до Владата што побрзо да не повика на преговори, да сфати дека со ваков однос кон вработените кои се од витално значење за државата не се оди никаде, да не повикаат да најдеме заедничко прифатливо решение. Владата што поскоро да го одврзат ќесето, да ги исполнат барањата на Синдикатот и што поскоро да започне наставата“.
Ова меѓудругото го изјави претседателот на СОНК – Јаким Неделков на денешната прес-конференција на која го најави генералниот штрајк кој започнува од утре.
Тој рече дека одговорноста паѓа на Владата и ресорните министерства, и тие како синдикат ќе се одградат од својата вина.
„Ќе се оградиме од нашата вина зошто ученците немаат загарантирано право на образование, тоа е затоа што владата не ги исполни нашите барања. Не излезе со некаков предлог. Штрајкот ќе трае додека не се изнајде заедничко решение, а тоа кога ќе биде не знаеме. Досега немаме никаков предлог но нема да прифатиме ниту било каков предлог“ – рече Неделков.
Тој повтори дека штрајкот ќе трае се до исполнувањето на нивните барања за покачување на платите во образованието.
МО и МТСП утрово потсетија дека образовниот процес мора да тече зошто децата имаат уставно загаранирано право на тоа.
„Немаме никаква одговорност ако дојдат ученици или дечиња во градинките. Ние ќе бидеме во посебни простории. Може директорите да ангажираат лица од установите кои не се наши членови, лица кои се со договори и се плашат да не останат без работа па не штрајкуваат, но тоа се, да речеме од 100 максимум 10, или некаде 5 или 15 лица, да не генерализираме. Нека го менуваат законот кој го донеле и нека си обезбедат работници, не знам дали има такви луѓе што би ги вработиле за кратко време. Тоа е максимално нефукционален дел од законот кој се користи за притисок“ истакна Неделков.
„Ќе мора да не викнат, немаше цела недела преговори, не беа во државата дел од владините претставници, сметам дека е крајно несериозно. Ако тие не се повикаат на генералниот штрајк други грански синдикати најавуваат порадикални мерки“ нагласи тој.
Апелираше до колегите да бидат истрајни во синдикалната борба до остварување на барањата за зголемување на платите во образовниот сектор за 18,4 проценти.