На денешната седница на Владата одлучено е да се укинат сите останати ковид-мерки, со исклучок на задолжителното носење заштитни маски во здравствените домови, аптеките, јавниот превоз и центрите за нега на стари лица и лица со посебни потреби – објави на својот Фејсбук профил првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби.
Груби посочува дека одлуката на Владата следи по заклучокот на Комисијата за заразни болести за стабилната епидемиолошка состојба во земјава.
Комисијата за заразни болести на состанок одржан на 27. април препорача укинување на сите рестриктивни мерки за справување со КОВИД-19, освен задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица.
Комисијата апелираше до граѓаните да ги почитуваат препораките за лична заштита и хигиена, како што се често миење раце, дезинфекција и одржување дистанца.
Комисијата за заразни болести на дневна основа ја следи состојбата со КОВИД-19 и доколку има потреба ќе бидат препорачани нови мерки.
Моментно во земјава има 572 активни случаи од Ковид-19.