Владата ги спои концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, рудникот Иловица се враќа во игра
Со одлука на Владата објавена во Службен весник бр. 141 од 04.07.2023, се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, што беше клучна и најголема препрека за добивање на дозвола за експлоатација.
Управниот суд ја уважи тужбата на „Еуромакс Рисорсес“ (Еуромакс) против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“. Пресудата следува откако Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување и ја обврза Владата повторно да одлучува за една од концесиите за рудниците за бакар и злато „Иловица-Штука“.
Од граѓанското здружение „Здрава Котлина“ велат дека одлуката на Владата беше клучната и најголемата препрека за добивање на дозвола за експлоатација. Сега, со спојувањето на концесиите и одлуката на Управниот суд идејата за рудник во земјоделскиот регион, познат по раноградинарското производство, повторно се оживува. Екологистите од Југоисточниот регион на најновиот тек на работите му даваат партиско-политичка позадина и го врзуваат со влезот на компанијата „Еколог“ во „Еуромакс Ресоурцес“.
„За она што гласно говореа дека нема да се случи, сепак еве, на очи на целата македонска јавност – се случува. После сите скриени тајни и јавни ветувања, правниот ефект е ова денес што читате во Службен весник. Приказната е едноставна, во големата битка за предавството и убиството на Струмичката котлина и се живо во неа, искористувајќи ја партиската и државна позиција, постојано се плетат високи политичари од двете најголеми политички партии, но сега им се придружи и трета, силно жедна за профит за сметка на здравјето и животот на сите жители на Струмичката котлина и пошироко“, реагираат од „Здрава Котлина“.
Од таму најавуваат дека жителите активно ќе се мобилизираат и самоорганизираат како и дека никогаш нема да дозволат на нивните полиња да се отвори рудник.
Вишиот Управен суд лани во октомври ја поништи пресудата на Управниот суд за конечно одземање на концесијата на „Еуромакс Ресоурцес“ за експлоатација на рудникот „Иловица-Штука“ и по жалбата на компанијата, предметот го врати на повторно судење. Со ваквото решение продолжи пинг-понг партијата помеѓу Управниот и Вишиот Управен суд, и процесот по трет пат се врати на почеток пред Управниот суд.
Претходно, во јули 2021 година, Вишиот управен суд првпат го поништи решението на Управниот суд со кој се одбиваше жалбата на „Еуромакс Ресоурцес“ за одземената концесија и донесе одлука да има повторно судење во Управниот суд. Претходно, Управниот суд со решение во октомври 2020 година, ја одби жалбата на компанијата „Еуромакс Ресоурцес“ која се однесуваше на преиначување на пресудата на Управниот суд со цел да ја задолжи Владата да ја поништи одлуката за еднострано раскинување на концесијата како неоснована и да ја задолжи Владата да ги спои концесиите.