
Владата бара да не се шпекулирало со „манипулативни наративи“ за Кочани
Седумдневната национална жалост прогласена од Владата за трагедијата во Кочани завршува денеска, но со несмален и невиден интензитет ќе продолжи истрагата која ќе биде правична и темелна, порачаа денеска на прес-конференција владините портпаролки Марија Митева и Венера Љатифи-Азизи.
Седумдневната национална жалост прогласена од Владата за трагедијата во Кочани завршува денеска, но со несмален и невиден интензитет ќе продолжи истрагата која ќе биде правична и темелна, порачаа денеска на прес-конференција владините портпаролки Марија Митева и Венера Љатифи-Азизи.
Митева апелираше да не се шпекулира и со невистини и манипулативни наративи да се злоупотребува трагедијата во Кочани затоа што таа сѐ уште не е завршена.
„Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат истрагата – темелно и правично. Не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи – преку повици за дестабилизација и различни сценарија и било како да наштетат на овој процес. Од ова мора сите да излеземе посилни, со испорачана правда. Оваа влада беше избрана за да го прекине кругот на рамнодушноста, да ја обнови довербата онаму каде што беше изгубена и да се погрижи ниту една иднина да не се обликува од грешките на минатото. Нашата заложба е јасна – правда за погодените, транспарентност во секој чекор и итни реформи кои ќе обезбедат ова никогаш да не се повтори“, истакна Митева.
Портпаролката Венера Љатифи-Азизи рече дека трагичниот настан „нѐ трогна сите соединувајќи не во длабока болка и тага што ги надминува зборовите“.
„Владата е решена да ја обелодени вистината и да се погрижи сите кои се одговорни да одговараат за своите постапки. Никој нема да може да се скрие и правдата ќе биде задоволена… Во оваа голема болка не сте сами, државата ќе стои покрај вас – не само денеска, туку до крајот на овој процес, во кој ќе расветлиме буквално сѐ“, истакна Љатифи-Азизи.