Вицегувернерите на Народната банка на Србија побараа истрага за одземањето на дозволата на Алта банка

Четворицата вицегувернери на Народната банка на Србија го повикаа надлежното јавно обвинителство да ги утврди сите факти и околности поврзани со одземањето на дозволата за работа на Алта банка, пренесува Данас.

Четворицата вицегувернери на Народната банка на Србија го повикаа надлежното јавно обвинителство да ги утврди сите факти и околности поврзани со одземањето на дозволата за работа на Алта банка, пренесува Данас.

Алта банка е во сопственост на бизнисменот Давор Мацура, кому во средината на октомври не му беше дозволен влез во Црна Гора од причини поврзани со националната безбедност, поради што беше вратен од аеродромот во Подгорица.

Во соопштението вицегувернерите бараат обвинителството без одлагање да ги испита околностите што довеле до одземање на дозволата на 31 октомври, како и евентуалната кривична одговорност на функционери во Народната банка на Србија.

Тие истакнуваат дека со вистинската состојба во Алта банка, која драстично отстапувала од извештаите што банката ги доставувала до Народната банка на Србија, биле запознаени дури на итната вонредна седница на Извршниот одбор, свикана во вечерните часови во петокот, на 30 октомври.

„Особено е важно да се утврди кога и на кое раководно ниво постоеле сознанија за забележаните ризици и неправилности“, наведуваат вицегувернерите, барајќи да се испита и дали надлежните навремено постапувале по стручните процени и предупредувањата на вработените.

Според нив, обвинителството треба да утврди дали евентуалното непреземање или ненавременото преземање мерки претставува кривично дело за кое се гони по службена должност.

„Стабилноста што граѓаните и стопанството ја почувствуваа преку монетарната политика не смее да биде доведена во прашање поради пропусти на поединци“, предупредуваат тие, нагласувајќи дека независната истрага е неопходна за зачувување на довербата во финансискиот систем.

Вицегувернерите истовремено нагласуваат дека одлуките за монетарната политика биле носени независно, врз основа на стручни анализи, и дека стабилниот курс на динарот и ниското ниво на проблематични кредити покажуваат дека банкарскиот сектор во целина е здрав.

Соопштението го потпишаа сите четворица вицегувернери на Народната банка на Србија – Жељко Јовиќ, Ана Ивковиќ, Драгана Станиќ и Никола Драгашевиќ.