Виткоф: САД гледаат напредок во преговорите со Украина

Прашан дали претседателот на Украина, Володимир Зеленски, би можел да се врати во САД оваа недела за да го потпише договорот за пристап до украинските ретки земни елементи, Виткоф рече: „Навистина се надевам. Сите сигнали се многу, многу позитивни“.

САД очекуваат значителен напредок во преговорите со Украина оваа недела, а исто така се надеваат на постигнување договор за стратешките суровини, изјави специјалниот претставник на Белата куќа за Блискиот Исток, Стив Виткоф.

Американски и украински преговарачи оваа недела ќе се состанат во Саудиска Арабија.

– Мислам дека одиме со очекување дека ќе постигнеме значителен напредок, изјави Виткоф во интервју за Фокс њуз.

Прашан дали претседателот на Украина, Володимир Зеленски, би можел да се врати во САД оваа недела за да го потпише договорот за пристап до украинските ретки земни елементи, Виткоф рече: „Навистина се надевам. Сите сигнали се многу, многу позитивни“.

Зеленски денеска пристигна во Саудиска Арабија, придружуван од шефот на неговиот кабинет, Андриј Ермак, неговиот заменик Павло Палица, министерот за надворешни работи Андриј Сибига и министерот за одбрана Рустем Умеров, информира Укринформ.

Виткоф додаде дека клучни теми на разговорите во Саудиска Арабија ќе бидат безбедносните протоколи за Украина и територијалните прашања. Споделувањето разузнавачки информации исто така ќе биде на дневен ред, нагласи Виткоф, пред неговото заминување за Блискиот Исток, каде ќе учествува во преговори поврзани со Појасот Газа.

„САД никогаш не престанаа да ѝ обезбедуваат разузнавачка помош на Украина за нејзините одбранбени потреби“, истакна Виткоф.