Вилма Русковска разрешена од функцијата јавен обвинител

Поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) веќе не е јавен обвинител.

Советот на јавни обвинители денеска едногласно го усвои предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за разрешување на обвинителката, откако против неа и уште две нејзини колешки беше поведена дисциплинска постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција пред речиси една и пол година.

Претходно членовите на Советот на ЈО едногласно одлучија да се одбие жалбата на Русковска во врска со предлогот за нејзино разрешување, по што се премина на гласање по предлогот за нејзино разрешување.

„Едногласно е усвоен предлогот на Комисијата за разрешување на Вилма Русковска од функцијата јавен обвинител“ – констатира претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска.

Во рамките на постапката по истиот предмет, Советот исто така едногласно ја одби жалбата на обвинителката Ивана Трајчева како неоснована и го усвои предлогот на Комисијата да ѝ се изрече мерка намалување на платата за 30 отсто, во траење од шест месеци.

Воедно, Советот донесе решение за престанок на функцијата јавен обвинител на Вилма Русковска.

Членовите на Советот само гласаа по предлогот на Комисијата, но не дадоа образложение за едногласно донесената одлука.

Дискусијата по точката 3 која се однесуваше на предметот траеше околу половина час, а јавноста беше исклучена заради заштита на угледот на обвинителите за кои станува збор.

Сепак, пред и за време на гласањето имињата на двете санкционирани обвинителки беа соопштени.

Против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска беше отворена дисциплинска постапка од страна на Јавното обвинителство поради претресот во просторите на Управата за финансиска полиција летото 2022 година, додека директор на оваа институција беше Арафат Муареми.