Вилма Русковска: Мислам дека СДСМ ме спакува со помош од ВМРО-ДПМНЕ
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, која лани во ноември беше разрешена и се пензионираше, смета дека нејзиното разрешување го „спакувал“ СДСМ, но со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
Поранешната шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Вилма Русковска, која лани во ноември беше разрешена и се пензионираше, во гостување во подкастот „Претрес“ рече дека од денешна перспектива, смета дека нејзиното разрешување го „спакувал“ СДСМ, но со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
Русковска вели дека тоа почнало уште кога нејзиното обвинителство отвори предмети за поранешните генерални секретари во Владата, Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, а кулминирало со нејзината наредба за претресот што беше извршен во канцеларијата на поранешниот директор на Финансиска полиција од редовите на ДУИ, Арафат Муареми.
Русковска зборуваше и за случајот „27 април“ и таа сè уште е на ставот дека делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“ е точното дело за кое требало да се гонат осудените за овој случај.
На прашањето колку пати се слушнала со поранешниот премиер Зоран Заев околу овој случај, Русковска рече дека Заев пред да биде донесен законот за амнестија со кој се ослободија дел од обвинетите, ја замолил да го преквалификува делото во поблаго кривично дело. Според неа, Заев тоа го направил од политички причини, поради обезбедување мнозинство за тогаш актуелните измени во Уставот, но таа го одбила.