
На новинарите и на вработените во зградата на Радио Белград им е наредено да ја напуштат зградата до 17 часот, а само на „проверените новинари“ ќе им биде дозволено да работат во текот на викендот, изјави за агенцијата Бета извор од државната радио станица, пренесува Независен.
На новинарите ќе им биде дозволено да се вратат на работните места дури во понеделник, откако ќе заврши големиот студентски протест што утре ќе се одржи во Белград.
Како што соопшти извор од Радио Белград, на вработените во вториот, третиот и четвртиот канал им е изречена забрана за работа. Овие три програми ќе емитуваат само претходно снимени емисии овој викенд.
На Првата програма ќе работат само проверени новинари „лојални на раководството и режимот“, изјави извор за Бета.
А можеби, од безбедносни причини, работат од друга локација, додаде тој.
Претходно, некои новинари на Радио Белград ги поддржаа синдикатите на РТС, кои бараат отпуштање на уредникот на информативната програма и бараат јавното радио и телевизија да започне вистинито да известува за студентските протести.
Во понеделникот, студентите ја блокираа зградата на РТС во Белград, откако новинар од таа телевизија ги нарече толпа антирежимските демонстранти во разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ еден ден претходно.
Група од околу стотина лица вчера се собра пред влезот во дворот на редакцијата на телевизијата Н1 во Белград. Српскиот вицепремиер Александар Вулин подоцна потврди дека тоа се членови на неговото Социјалистичко движење и рече дека „нема да им биде тешко да дојдат повторно, ако не ги слушнеме како што треба“.