
Авикомпанијата „Визер“ (Wizz Air) денеска ја најави новата директна рута од Меѓународниот аеродром Скопје до Келн. Билетите се веќе достапни на wizzair.com и преку мобилната апликација WIZZ, по цени кои започнуваат од 1.619 денари (во еден правец, вклучувајќи ги сите задолжителни такси и една рачна торба).
Оваа нова дестинација следува по неодамнешната најава на уште пет рути од Скопје до Стокхолм, Мадрид, Прага, Бари и Ларнака. Со ова проширување, „Визер“ сега нуди вкупно 34 дестинации во 15 земји, од скопскиот и охридскиот аеродром – зајакнувајќи ги поврзаноста и можностите за патување за патниците од регионот и пошироко.
„Со отворање нови работни места и зголемување на туризмот, „Визер“ ја потврдува својата посветеност на поддршка на развојот на туристичката индустрија во Северна Македонија, како и на севкупниот економски напредок на земјата, велат од компанијата.
Андрас Радо, директор за комуникации во „Визер“, изјави: „Горди сме што ја прошируваме нашата мрежа од Скопје со новата рута до Келн, веднаш по најавата за пет други возбудливи дестинации. Со уште подостапни и поудобни можности за патување, нашето сè поголемо присуство во Северна Македонија ја одразува нашата долгорочна посветеност на регионот и на мисијата да го направиме патувањето достапно за повеќе луѓе од кога било досега. Let’s Wizz.“
Келн е живописен град каде што историјата и современиот живот се спојуваат на уникатен начин. Од величествената Келнска катедрала и шармантниот стар град, до богатата уметничка сцена, светски познатите музеи и веселиот дух – градот нуди по нешто за секој патник. Без разлика дали шетате покрај Рајна или уживате во неговите познати манифестации, Келн е дестинација што вреди да се открие во текот на целата година.