(ВИДЕО) Јовановски: Состојбите во државната каса баш и не се така розови како што сака Владата да ги прикаже
➡Од страна на премиерот очекувано е тој да биде оптимист и да ги брани политиките што ги спроведува Владата, од друга страна состојбите во земјава, особено во економијата, според мене не се баш розови, напротив се прилично сложени и тешки. ➡Да не заборавиме уште еден момент којшто се случи деновиве. Станува збор за враќањето на МојДДВ кон голем број на корисници, кој доцнеше и тоа се случува за прв пат. Симптоматично е дека една вообичаена пракса се пролонгираше. И сега со овој кредит што се зема непосредно од една деловна банка за покривање на потребите на буџетот очигледно е дека има потреба од такво нешто, штом се преземаат такви мерки. ➡Кредитот од Унгарија многу пополезно ќе беше да се искористеше како што се искористи половината за отплаќање на долгот кон странство, отколку да се дисперзираат тие средства кон општините. ➡Ваквиот модел на линеарно зголемување на пензиите може да создаде финансиски проблеми, смета Јовановски.
„Од страна на премиерот очекувано е тој да биде оптимист и да ги брани политиките што ги спроведува Владата, од друга страна состојбите во земјава, особено во економијата, според мене не се баш розови, напротив се прилично сложени и тешки. Како годинава, така и очекувам да биде и во наредната година имајќи предвид дека и на меѓународен план работите не стојат добро – пред сѐ мислам на руската инвазија врз Украина, но имајќи ги предвид и нашите домашни прилики, а што произлегуваат од она скенирање што го направи ЕУ и состојбите кои се посочени во последниот извештај за Македонија, каде што се зборува за состојбите во јавниот долг, за состојбите во јавните финансии, за капиталните инвестиции, подготвеноста на државата за интегрирање во ЕУ и тн.“, изјави за „Трилинг“ долгогодишниот новинар и колумнист Мирче Јовановски, говорејќи околу тоа колку владините политики во креирањето на економско-финансиската слика на државата се отсликуваат на реалната, фактичката состојба во државата.

Јовановски за наредната година не очекува економски препород, ниту економски колапс, но очекува многу сложени состојби во економијата коишто Владата ќе мора да ги менаџира.
„Проекцијата која што ја зацрта Владата останува, и во поглед на расходите за зголемување на плати, придонеси и тн. и за капиталните инвестиции. Генерално параметрите се тие“, вели Јовановски.
Говорејќи за податокот дека Владата земала од НЛБ Банка краткорочен кредит од 30 милиони евра за финансирање на буџетскиот дефицит, Јовановски вели дека и тој е изненаден од тој податок, бидејќи Владата своите потреби ги алиментира преку издавање на државни хартии од вредност.
„Ова е веќе директно задолжување на Владата од една од деловните банки во државата. На кој начин е тоа направено не ми е познато. Прилично тој податок помина „под радарот“ на јавноста, но според мене тоа зборува дека состојбите во државната каса баш и не се така розови како што сака Владата да ги прикаже.
-Да не заборавиме уште еден момент којшто се случи деновиве. Станува збор за враќањето на МојДДВ кон голем број на корисници, кој доцнеше и тоа се случува за прв пат. Симптоматично е дека една вообичаена пракса се пролонгираше. И сега со овој кредит што се зема непосредно од една деловна банка за покривање на потребите на буџетот очигледно е дека има потреба од такво нешто, штом се преземаат такви мерки“, вели Јовановски.

Околу најавите дека идната година капиталните инвестиции ќе бидат главниот двигател за економски раст и дали капиталните проекти може да придонесат за обезбедување на БДП од4%, Јовановски вели дека главните капитални инвестиции од буџетот наредната година ќе бидат насочени во финансирање на автопатиштата што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“ и тие секако ќе придонесат во порастот на БДП.
„Од друга страна нема информации околу унгарскиот кредит којшто беше наменет за компаниите пред сѐ. Владата прави отчет околу проектите за општините, но и тука ќе треба да видиме колку тие проекти ќе овозможат дополнителен економски раст. Кај компаниите засега останува без малку тајна кој ги добил тие пари, за што се наменети и тн.“, вели Јовановски и додава дека за кредитот од Унгарија многу пополезно ќе беше тој кредит да се искористеше како што се искористи половината за отплаќање на долгот кон странство, отколку да се дисперзираат тие средства кон општините.
За тоа дали ќе имаме капацитет да ги реализираме средствата од британските пари, Јовановски смета дека тоа е големо прашање.
„Еве гледаме дека и овие најави дека се отвораат многу голем број на градилишта во државата кај општините, дека и тоа претставува проблем, а станува збор за многу помал износ. Така што ако се земат наеднаш тие кредити, ако се отворат повеќе фронтови, сигурно дека домашната индустрија, домашните градежни компании го немаат тој капацитет, но претпоставува дека тоа ќе биде сукцесивно во одреден број на години. Иако кога зборуваме за британскиот кредит, за намената на тие средства, во јавноста има сериозни критики, на пример за брзата пруга наспроти проектот Вардарска долина, колку тие два проекти ќе дојдат во колизија. Тука мислам дека недостига една посериозна јавна дебата да се видат придобивките за едната или за другата работа и дали може тие паралелно да егзистираат“, смета Јовановски.

Запрашан дали го плаши состојбата за финансиската кондиција во која се наоѓа ПИОМ, вели дека не верува во изјавите дека Фондот ќе пропадне.
„Одржливоста на ПИОМ зависи од повеќе фактори. Пред сѐ зависи од бројот на вработени во државата коишто ќе ги уплатуваат придонесите, но зависи и од овие ад-хок решенија коишто ги носи Владата со линеарното зголемување на пензиите. Според мене, но и според многу други покомпетентни луѓе, таквата практика не треба да продолжи. Се обидов да видам каде во Европа има ваков начин на зголемување на пензиите. Можеби има, но не најдов таков пример. Би било добро ако има Владата да ни посочи каде пензиите се зголемуваат линеарно. Значи секаде станува збор за т.н индексирање или со соодветна одлука на Владата како што беше деновиве во Србија, каде што пензиите се зголемија за 12%, меѓутоа не станува збор за линеарно зголемување туку за процентуално. Значи секој ќе си добие соодветен процент на пензии.
-Ваквиот модел на линеарно зголемување на пензиите може да создаде финансиски проблеми смета Јовановски, и вели дека тоа го посочи и Фискалниот совет во една од анализите што ги публицираше минатата година каде што предупреди дека на долгорочен план тоа создава огромни финансиски обврски за државата да ги алиментираат. Тоа деновиве го потврди и првиот човек на ПИОМ кој што кажа дека од вкупниот износ на средства коишто следната година треба да ги алиментира буџетот кон ПИОМ, половината или повеќе се само за зголемување од 5 000 односно 7 000 денари.
-Тука сакам една работа да додадам, за да нема нејаснотија. Ниту јас, ниту било кој во државата не е против да им се помогне на луѓето коишто имаат навистина мали, ниски примања и пензии. Тоа треба да се направи, но големо е прашањето дали тоа треба да се прави на ваков начин преку пензискиот фонд којшто сепак се темели на уплатите коишто сите вработени ги уплаќале во Фондот во текот на работниот век“, вели Јовановски.
Целото интервју погледнете го во видеото.