(ВИДЕО) Јовановски: Бугарско вето не постои, постои само дезинформациска кампања и лаги
➡Сите ние сме разочарани од моментот што после Преспанскиот договор, кога очекувавме дека влегуваме во НАТО и започнуваме преговори за членство се случи тој список на бугарски барања. Но морам да кажам дека тој анимозитет кон Бугарите се дуплираше, триплираше врз база на една дезинформациска кампања и на база на лаги. ➡Не постои бугарски вето. Тој договор е дел од преговарачката европска рамка и нема вето кое Бугарија треба да го оттргне, туку има Европски совет кој евентуално би требал да ја промени европската рамка, во што не верувам дека од Европскиот совет ќе навлегуваат. ➡Има едно претерување околу македонскиот јазик, дека македонскиот јазик е негиран и тн., што е повторно една дезинформација. ➡ Малите земји како што е нашата се изложени на ризик да пропадната во отворите, во пукнатините кои се случуваат во тој геополитички земјотрес, доколку останат сами, смета Јовановски.
„Разумот на крајот секогаш победува. Он има кризи, паѓа, бива надвладуван од лагата, од неразумноста, но на крајот разумот сепак победува. Особено во овој период на геополитички земјотрес од сериозни размери кој се случува, со многу рихтерови степени, и луѓето кои не следат редовно геополитика, чувствуваат дека не можеш да бидеш изолиран, не можеш да останеш на страна.
-Погледнете го случајот со Велика Британија. Таму поддршката е веќе над 60% да се вратат во ЕУ. Велика Британија беше жртва на еден референдум, на бројни дезинформациски кампањи, но на лагата и се куси нозете. Британците сами видоа што се изгубија, кои се бенефити ги изгубија. Сега кога една Велика Британија станува свесна дека сепак ЕУ е подобро решение отколку да бидеш на страна, по мене логично е и едно општество какво што е нашето да се буди тој, во најмала рака, инстинкт на преживување. Интуицијата вели дека не можеш да останеш на страна. И во таа смисла, мислам дека во голема мера е значајно тоа што го гледаме во нашето опкружување. Црна Гора и Албанија започнаа преговори и веќе може да се види како во тие две земји се случуваат работи кои ние како граѓанство ги посакуваме“, изјави во „Трилинг“ новинарот Борјан Јовановски околу тоа на што се должи порастот на поддршката за членство на Македонија во ЕУ.

„Јас ја разбирам емоцијата на нашите граѓани, ја споделувам и јас, сите ние сме разочарани од моментот што после Преспанскиот договор, кога очекувавме дека влегуваме во НАТО и започнуваме преговори за членство се случи тој список на бугарски барања. Но морам да кажам дека тој анимозитет кон Бугарите се дуплираше, триплираше врз база на една дезинформациска кампања и на база на лаги.
-На пример, не постои бугарски вето. Гледам дека има едно расположение во Македонија кое се создава, дека во ЕУ ќе се менува правилото на одлучување, дека не треба консензус во надворешната политика и дека со квалификувано мнозинство ќе се носат тие одлуки. Тоа во нашиот случај нам ништо не ни менува, бидејќи ние немаме вето од Бугарија. Ние со Бугарија имаме постигнато договор. Тој договор е дел од преговарачката европска рамка и нема вето кое Бугарија треба да го оттргне, туку има Европски совет кој евентуално би требал да ја промени европската рамка, во што не верувам дека од Европскиот совет ќе навлегуваат.
-Втора работа е тоа едно претерување околу македонскиот јазик, дека македонскиот јазик е негиран и тн., што е повторно една дезинформација, бидејќи и претседателката на Европската комисија самата рече дека едвај чека да има уште еден јазик во ЕУ, со што ќе се збогати тоа лингвистичко богатство на Европската унија. Беше потпишан договорот за ФРОНТЕКС експлицитно на македонски јазик, при што тој договор е потпишан и од бугарскиот министер за внатрешни работи, така што останува она дека само во Бугарија ќе се користи тоа „македонскиот јазик согласно уставот на Република Македонија“, кој патем е нешто што е договорено во 1999 година, во владата на Љупчо Георгиевски, во кој учествуваше и Антонијо Милошоски, кој сега некако е најзагрижениот за македонскиот јазик“, вели Јовановски, околу сѐ уште присутниот анимозитет кон Бугарите и Бугарија.

Околу новите иницијативи, идеи на земјите членки на ЕУ – Европа во две брзини, големите стратешки прегрупирања, потценувачкиот поглед на Вашингтон кон Брисел, во исто време ставот на Брисел дека нема да бидеме целосни се додека не го интегрираме Западен Балкан и колку овие игри помеѓу западот и истокот може да доведат до тоа земјите кандидати да бидат колатерална штета, Јовановски смета дека малите земји како што е нашата се изложени на ризик да пропадната во отворите, во пукнатините кои се случуваат во тој геополитички земјотрес, доколку останат сами.
„Она што е во наша корист е што во ЕУ, по руската агресија на Украина се создаде една свесност за потребата од едно целосно обединување на континентот. И таа политичка волја, политичка одлука која до случувањата во Украина, кога имаше многу дилеми во Европската унија околу проширувањето – кога, како, зошто и тн., тоа е решено и впрочем многу јасна илустрација е динамиката со која течат преговорите и интеграцискиот процес на Албанија, Црна Гора, Молдова и Украина. Црна Гора.

За критиките кон Европа дека на некој начин е сервилна кон Трамп и потценувачкото гледање на Белата куќа кон европските челници, Јовановски смета дека последните случувања во врска со Гренланд ја прелија чашата.
„Мислам дека од тој момент сме сведоци на една сосема друга реторика во ЕУ, еден сосема друг однос. Забележав една изјава на европски дипломат кој вели „го поминавме рубикон“, нема враќање назад во однос на Америка. Така што веќе Америка станува проблем за Америка – дали ја губи Европа како стратешки партнер. Гледам огромна делегација на Велика Британија деновиве е во Кина, а тоа го прават и другите европски држави. Се случи еден многу сериозен договор со Индија. Се случи договорот со Меркусор, така што европскиот слободен пазар станува пазар со над милијарда потрошувачи, поголем од САД. Така што мислам дека полека топката се префрла во Америка, која ќе треба да се подзамисли што всушност губи, бидејќи губи едно стратешко партнерство, стабилно партнерство, со многу коректност, на кое се работело од 1945-та година па се до денеска. Мислам дека на крајот сметката за тоа сепак ќе ја платат самите Американци.

Осврнувајќи се на тоа колку ние како држава знаеме да ги читаме овие пораки и нови прегрупирања во светот, Јовановски вели дека за жал многу малку се обрнува внимание.
„Фактот што сме мала земја, која социо-економски сѐ уште е кревка, а особено кревка кога е соочена со едно турбулентно време на глобалната сцена, мене ме изненадува што ние во Македонија немаме пожива, подинамична, поинтензивна полемика околу тоа што правиме.
-Јас сум поборник за наша интеграција во ЕУ, но не велам дека Европската унија е смрт или живот. Но особено владејачката елита, ако веќе нема намера да ја прифати европската преговарачка рамка, во која се состои барањето за внесување на Бугарите во Уставот, мислам дека не само што е коректно, туку има и одговорност на јавноста да и понуди концепт, да каже кои се проекциите, каде одиме, што ќе правиме, можеме ли ние да опстанеме вон ЕУ, можеме ли ние да опстанеме како некое изолирано острово вон Европската унија, со лоши односи со Бугарија, со односи кои се на биолошки минимум со Грција, слични односи со Албанија.
-Морате во некој момент да понудите некои опции. Еве на пример нека е БРИКС, но дајте да разговараме јавно, да отвориме една полемика колку е тоа воопшто реална опција. Можеме ли ние во БРИКС? Што добиваме од БРИКС? За ЕУ точно знаеме. Знаме за фондовите, гледаме што се случи во Хрватска откако стана земја членка на Европската унија.
-Мене ми што немаме дебата кога ќе се деблокираат средствата од ИПАРД. Сега во јануари требаше да има повик од кои над 100 семејства би можеле да развијат мали и средни бизниси, да вработат луѓе во руралните средини, што е доста значајно за една мала земја како Македонија. Тие средства се блокирани заради корупција во нашите институции. И сега ние воопшто не разговараме кога тоа ќе се одблокира, што се прави на тој план. Немаме информации, а тоа се гратис пари кои можат да бидат на располагање на нашите граѓани“, вели Јовановски.
Прашан дали сме одржливи на подолг рок како држава надвор од ЕУ, Јовановски се сомнева дека тоа е можно.
„Ако ги погледнете сите тие турбулентни периоди во историјата, најчесто страдале и исчезнувале малите народи“, вели Јовановски.
Целото интервју погледнете го во видеото.