(Видео) Јанура: Судиите да одолеат на притисоците, ако не, имаме корозиран правен систем

- Измените на кривичниот законик коишто беа доста критикувани во јавноста, конкретно за делото злоупотреба на службена положба и овластување, тие измени требаше да се направат, бидејќи навистина тоа дело беше со престроги казни. Но тајмингот кога тоа се направи раѓаше сомнение и несигурност кај граѓаните и граѓаните имаа чувство дека токму тоа се прави со цел одредени луѓе или политички елити да бидат спасени, вели адвокатот Јанура.

Криминалот и корупцијата ја преокупираат јавноста. Во изминатава деценија се создаде амбиент со непишано правило – ако крадеш тоа да биде за многу пари, со нив потоа можете да подмитувате, корумпирате, да ви застаруваат кривичните постапки, да се етаблирате во општеството без морални вредности.

Во вулгаризацијата на казнената политика стана правило – во затвор за десет ќебапи, за 10 милиони евра ќе се спогодите со обвинителството.

„За жал тоа го чувствувам јас, моите колеги адвокати, но мислам дека го чувствуваат сите граѓани и целата јавност и мислам дека се има потреба нешто да се смени“, вели адвокатот Петро Јанура, на прашањето дали се чувствува ерозијата на судско-обвинителскиот систем во државата.

„Дали радикалните промени кои се најавуваат дали би вродиле со плод не сум баш сигурен, но сепак треба да постои систем каде што за судии ќе се избираат оние луѓе коишто ги соджат оние морални вредности, се носители на интегритет, но исто така и во Судскиот Совет, којшто е независно тело, што ја контролира, ја следи и ја мониторира работата на судиите, треба да постојат гаранции дека се избрани таквите личности.

-За наједноставно да бидам сфатен, ако точно го анализираме терминот „интегритет“, што е една особина којашто мора да ја има секој судија или член во Судскиот Совет, тоа значи да има способност да се одбрани од било какви надворешни влијанија и од било какви внатрешни влијанија коишто самиот човек во себе си ги носи. Тогаш ќе биде целосно непристрасен и слободен во носењето на своите одлуки, вели Јанура.

„Измените на кривичниот законик коишто беа доста критикувани во јавноста, конкретно за делото злоупотреба на службена положба и овластување, тие измени требаше да се направат, бидејќи навистина тоа дело беше со престроги казни. Но тајмингот кога тоа се направи раѓаше сомнение и несигурност кај граѓаните и граѓаните имаа чувство дека токму тоа се прави со цел одредени луѓе или политички елити да бидат спасени, додава Јанура.

„Секој случај си е сам по себе и сите факти се анализираат заеднички исами по себе, како и секој доказ. Така што не можеме да знаеме точно. Затоа постои индивидуализација, бидејќи не бил секој во секаква состојба, под исти фактор, олиснителна или отежнителна одговорност итн. Така што разлика во казните нормално дека ќе има. Зависи колку добро е образложено давањето на казната и нејзината висина. Нормално, селективна правда воопшто не е правда“, вели адвокатот Јанура.

Фото: Трилинг / Петро Јанура

„Партиите секогаш меѓу себе си ја префрлаат топката, но ние сме свесни дека од кога сме независна држава тие проблеми секогаш се провлекуваат. Таквите обвинувања од секогаш постоеле“, изјави Јанура, на податокот дека актуелната власт, ВМРО-ДПМНЕ ги апострофира СДСМ и ДУИ за главни виновници за растечкиот криминал, корупција, за ниската доверба во македонскиот правосуден систем како и за спрегата меѓу политичките бизнис елити со судии и обвинители.

„Судиите треба да одолеат на притисоците и влијанијата. Ние треба да веруваме дека тие тоа и го прават. Тоа е претпоставката дека за тоа тие биле избрани да бидат судии, бидејќи ги поседуваат тие карактеристики, морални вредности и знаења. Но сепак, ако се случуваат премногу исклучоци, тоа значи дека е корозиран правниот систем“, додава Јанура.

„Општо прифатено начело е дека за да постои слобода и владеење на правото во едно демократско општество, треба да постои реална и сериозна поделба на власта. Тоа значи дека треба да постои сосема независно судство, а за тоа да биде независно, претпоставувам дека треба да постои на некој начин и промени во самиот избор на судиите. Постоеа идеи во во Судскиот Совет да се избираат само судиите од нивните редови, потоа излезе дека може да ги бира дел парламентот, дел претседателот итн. што претставува одреден микс. Мене ми е нејасно само зошто во Судскиот Совет да не може и адвокатите да учествуваат при изборот на судии, да го дадат својот глас, бидејќи реално ние навистина сме сериозен фактор и реално ние најдобро знаеме кој судија колку вреди, како работи итн и додава дека судско-адвокатска спрега не смее да има, а ако постојат сериозни индикатори тоа е работа или на Судскиот совет или на Обвинителството.

Целот интервју со адвокатот Петро Јанура погледнете го во видеото.