(Видео) Ѕоф: Владее пандемија на „сељачизам“ – потребен е општонароден фронт

„Ова е епидемија, ова е пандемија на сељачизам. Големо влијание имаме од север, од запад и реално ништо не прави државата, ништо не се случува за да се поправи таа слика. Но пак ќе кажам - треба широк, општонароден фронт. Најмногу ни недостига да има човек време да се спознае себе. Младиве не се спознаваат, немаат време за себе“, вели Зоран Спасов - Ѕоф.

Гостин во магазинот „Трилинг“ беше претприемачот, „Огласник М“, менаџер на позната ИТ компанија што работи софтвери и ко-основач на Фондацијата „Македоника“. Писател на неколку романи – од „Тито, мојот претпоследен херој“ до „И јас сум Сирма“ како последно писание од литературната лабораторија на Зоран Спасов – Ѕоф.

Инспирациите ги наоѓа во архивите на Москва, троарите на Торонто, до скопските улици. Зоран Спасов е градска урбана легенда, писател со скопски сленг, филантроп, автор со најпродавани тиражи на своите изданија.

На прашањето што има заедничко помеѓу Последниот идол – Тито и Сирма војвода, Ѕоф вели дека тоа се рол модели.

„Едниот е вистински, сме живееле во исто време, сум осетил, а Сирма е еден мит, не само легенда, повеќе од легенда е, која што ете не обземала во последните години и како и сите мои книги што ги имам напишано, имаат повод и причини зошто ги пишувам, како оддолжување спрема некого, спрема некое место, некој настан, така и Сирма е едно оддолжување кон Македонија.

За југо-носталгијата и, времето на Тито и македонскиот патриотизам, Спасов вели дека кај него емоциите се 50 – 50.

-Тоа е внатрешна борба, но не може човек да се откаже од носталгијата. Ако се откажеш од носталгијата се откажуваш од себе. На 25 мај имаме куќна слава – Св. Тито се вика славата. Он е светец со икони, со комплетна иконографија и така ние сме како секта една и уживаме.

Фото: Трилинг / Зоран Спасов – Ѕоф

Околу времето во кое живееме, со распони од идоли до распад на идеали, Зоран Спасов – Ѕоф вели дека живееме несреќно.

„Тоа важи пред се за младите генерации. Ние некако си викаме, ајде последниот воз што го фативме е ок, но мене стварно ми е жал за младиве генерации. Не се среќни, немаат идеали, немаат херои, немаат рол модели. Всушност и „Сирма“ е еден обид да се вратат многу херои на местото каде припаѓаат заслужено. Тоа беше едно сериозно истражување, нови херои донесовме во македонскава историја. Ние имаме еден сериозен проблем, клише е дека Влатко Стефановски надвор е повеќе познат и почитуван отколку во Македонија, истото беше и со Тоше, меѓутоа во областа кај што јас творам, а тоа е литературата имаме сведски ѕвезди, кои ако излеземе сега на улица и направиме анкета, никој ниту ги знае, ниту слушнал за нив.

– Така што ние се додека на Дезигнерица, на Маца дискреција, Пријовички итн. имаме лудило од настани, а ние реално ги уништуваме, ги потопуваме нашите херои што треба да бидат, нема иднина за оваа држава. Ние може да видиме во регионот како се грижат државите за своите херои и додава дека не може да се каже скопска легенда за лик којшто стоел на врата во кафиќи и кажувал кој да влезе, кој да не влезе. Ние имаме комплетно изместена слика за тоа што треба некој да биде легенда или херој.

– Времето е такво. Транзицијата што ни се случи минативе 30-40 години е „never ending story“. Ние не можеме да излеземе од таа транзиција. Потребен е еден широк фронт за тоа. Јас би кажал зошто се на пример изгубени сите овие генерации. Кога ќе кажам млади, од моја перспектива, млад човек е секој оној помлад од 40 години. И тука имам една генерална слика за сите. Дали е 15 години до 40 години за мене е едно, тие сите за мене се изгубени генерации. Може вака лошо звучи, но тие се млади луѓе кои не читаат. Што се последиците од тоа? Прво не читаат зошто со дигитализацијата сега визуелното е многу поатрактивно од пишаното итн, но што се случува – тие генерации ги губат когнитивните способности за перцепција, за обработка на податоци, за носење на одлука. Второ, губат емпатија.

Околу книгата „Џабе живиш у Скопје“ и воведот каде што има неколку пораки како иронија на урбаното како на пример:
– Едиповци што на четириесет години спијат во детска
– Курајбери што сакаат леб без мотика
– Копиљана што не поштује постари
– Арпаџици што не го реновират Театар Комедија
– Ропаци што се паркираат на места за инвалиди.
и прашањето дали толку Скопје се испровинционализира и дали простотилукот го потисна интелектуализмот, Ѕоф вели дека не може да се обвинат луѓето од внатрешноста комплетно за ова, затоа што и тие што беа урбани скопјани и тие попримија вакви одлики.

„Ова е епидемија, ова е пандемија на сељачизам. Големо влијание имаме од север, од запад и реално ништо не прави државата, ништо не се случува за да се поправи таа слика. Но пак ќе кажам – треба широк, општонароден фронт. Најмногу ни недостига да има човек време да се спознае себе. Младиве не се спознаваат, немаат време за себе. Времето за себе го користат на мобилен, одат на кафе во работно време. Значи комплетно се е пореметено. Треба 50 години, не знам, можеби 100 за да се поправи овој баг што го имаме ние во нашата перцепција на општеството, на сите збиднувања, на семејството итн. Но, тоа е тоа.

Фото: Трилинг / Зоран Спасов – Ѕоф

– Основно е дека луѓето не се среќни и смеењето е лек. Од кога ги снема К-15 ние на што се смееме? Затоа во мојот основен облик на пишување од „Тибам Штркот“, „Торонто Експрес“, „Цепај Сине“ и „Џабе живиш у Скопје“ доминира хуморот. Јас сум насреќен кога ќе предизвикам некој да се насмее, а кога ќе се насмее на глас тогаш целта е постигната. Многу малку треба за среќа, вели Зоран Спасов – Ѕоф и додава дека потребно е да е да имаш време за смеење.

„Никаде во светот не постои човек без проблеми. Но ти треба да имаш време и за себе и за смеење, да си направиш еден тајм менаџмент. Не можеш само да трчаш по другари, по кафани. Нормално дека сите се оптоварени и со работа и со вести гледање. Јас на пример вести не гледам повеќе од 12 години. Нашите дневници прво сивата мозочна маса ти ја убиваат и ти иницира создавање на некои чудни болести од посериозен карактер. Тоа Ви гарантирам, зошто се добива таа негативна аура преку телевизорот низ тие негативни вести и цело време политички вести. На пример јас сум живеел во Канада каде што главна вест е дека на Бред Пит не му е веќе патецот на десна страна, туку на лева. Тоа е брејкинг њуз“, вели Ѕоф.

Целото интервју со Зоран Спасов – Ѕоф дадено за „Трилинг“ погледнете го во видеото.