(ВИДЕО) Ѓурчевски: Се плашам процесот за „Пулс“ да не заврши како несреќен случај
➡Таму имаме сплет на разни дејствија и сплет на разни дела. Ние мора да докажеме со кои дејствија тој и тој сторил одредено кривично дело. Затоа треба кривичните дела коишто се случени вечерта, за време на настанот да се одвојат од она што велиме системски слабости. Системските слабости ние ги имаме години наназад, уште од пренамената на објектот од магацински простор во простор за забава, односно дискотека“, вели Ѓурчевски и додава дека вака како што е комплетиран и отворен случајот е многу погрешно и многу тешко ќе се стигне до вистината. ➡Прашан за тоа до кога ќе трае судскиот процес, Ѓурчевски изјави дека него го плаши да не се заврши целиот овој процес како несреќен случај.
„Системот Безбеден град е за поздравување, затоа што овој систем треба да стави ред во дивеењето во сообраќајот и непочитувањето на законските прописи. Но притоа ние треба да знаеме дека во овој експериментален период, во овој пробен период ние досега требаше да ги донесеме и усогласиме сите закони – законот за прекршоци, законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, процесните закони во делот на санкционирањето, затоа што ние сега имаме еден расчекор во тие закони со ова што сега сакаме да го имплементираме“ изјави во „Трилинг“, Љубомир Ѓурчевски поранешен помошник директор во МВР.
„Како проект го поздравувам, особено го поздравувам од аспект за давањето на криминалистичката полиција на уште една алатка во потрагата по сторители на насилен криминал и брутален криминал по улиците. Значи од аспект на истражната дејност во делот на криминалистичките работи, расветлување на кривичните дела е и тоа како алатка плус во рацете на криминалистичката полиција.
-Од аспект на безбедноста на сообраќајот, имаме пример каде е забележано дивеење од 230 км на час. Значи тоа надминува малтене 70% од максимално дозволената брзина на автопат. Ако некој вози со 230 км на час јас не би го казнувал него, туку би го пратил на задолжително лекување, затоа што тоа се убијци коишто треба да се пратат на лекување и да се види дали имаат некаков психички проблем“, вели Ѓурчевски.

Говорејќи за тоа дека ние сме социјална држава и стравот прекршоците да се претворат за полнење на буџетот, Ѓурчевски вели дека казните треба да бидат прифатливи.
„За полицијата да не ја претвориме во кадија те тужи, кадија те суди, кадија те извршува, значи се да падне на товар на МВР, со оглед на тоа дека Уставот гарантира двостепеност во постапките, затоа зборувам за една градација на прекршоците. Значи до извесна километража казната да не биде поголема од 20 евра. Но за потешки прекршоци, како поминување на црвено, со 30% поголема брзина од максимално дозволената, престигнување преку полни линии, односно она што го викаме загрозување на живото на учесниците во сообраќајот, тоа да оди исклучиво во судска постапка, за и странките да имаат можност на жалба, за судот да изрече казна. Е таму казните треба да бидат од 300 евра па нагоре“, смета Ѓурчевски.
За податокот дека системот Безбеден град откри низа на слабости, на пример граѓаните добивале известување за прекршоци иако не возеле и дали постои опасност од манипулација и злоупотреба на личните податоци, Ѓурчевски вели дека додека законски не се среди потребна е постапка, за да преку постапка се докаже дека некој не го возел возилото, дека било во дефект, неисправно и тн.
„Затоа мора да се води сметка кога се подготвуваат овие закони што со изречените санкции за возила кои се водат на лизинг, сопственост на рент а кар, што со странците, како ќе ги обезбедуваме нивните податоци. На пример доаѓа некој од Србија, влегува на граница, ние не знаеме кој е сопственик на возилото. Доаѓа во Скопје, пазари, прави 10 прекршоци, попладне ја напушта државата. Не може ние да му оставиме 8 дена. Штом ќе стигне на граничниот премин и да ја напушти Македонија, треба да му биде предочено и дадено снимки дека сторил прекршоци и додека не си ја плати казната да не може да ја напушти државата“, вели Ѓурчевски.

Прашан дали се загрозува безбедноста и приватноста на граѓанинот имајќи предвид дека на секој чекор имаме поставено камери, иако станува збор за јавен простор, Ѓурчевски вели дека има елементи коишто укажуваат на тоа дека се кршат одредени човекови права, како право на слободно движење и тн.
„Но, додава Ѓурчевски, факт е дека безбедноста во сообраќајот и генерално вкупната безбедност во државата е јавен интерес од општо добро за сите граѓани. И затоа понекогаш велиме добро е да ги уживаме сите права, но да ги извршуваме и сите обврски према системот, државата, институциите“, вели Ѓурчевски.
За случајот „Пулс“ каде никој не се чувствува виновен за најголемата трагедија во Македонија во која згаснаа најголем број на млади животи и дали системската грешка ќе биде нова олеснителна околност за обвинетите, Ѓурчевски вели дека имаме кривични дела кои не можеме да ги собереме во едно кривично дело.
„Таму имаме сплет на разни дејствија и сплет на разни дела. Ние мора да докажеме со кои дејствија тој и тој сторил одредено кривично дело. Затоа треба кривичните дела коишто се случени вечерта, за време на настанот да се одвојат од она што велиме системски слабости. Системските слабости ние ги имаме години наназад, уште од пренамената на објектот од магацински простор во простор за забава, односно дискотека“, вели Ѓурчевски и додава дека вака како што е комплетиран и отворен случајот е многу погрешно и многу тешко ќе се стигне до вистината.

„Во овој кривично-правен настан не можеме да утврдиме намера, мотив за сторување на тој кривично-правен настан. Значи никој не сакал, дури ни сопственикот. Вие не можете него да го обвините дека тој имал мотив да убие 63 луѓе.
-Многу тешко ќе дојдеме до вистината. До вистината ќе дојдеме ако го поделиме обвинението. На една страна обвинението за полициски службеници. Таму е одделот за организиран криминал, сѐ уште не е поднесен обвинителниот акт, не ме држете за збор колку полициски службеници се опфатени во истрагата, и ќе дојдеме за тоа кој издавал сообраќајна согласност, противпожарна согласност, дали имало корупција, кои дејствија требало да ги преземе полицијата а не ги презела години наназад, но и вечерта. Затоа што третиот ден по настанот министерот за внатрешни работи го разреши целото раководство на СВР Штип. Неговото, тој што го постави и господа јавни обвинители, еве ви, работете докажувајте“, смета Ѓурчевски.
Прашан за тоа до кога ќе трае судскиот процес, Ѓурчевски изјави дека него го плаши да не се заврши целиот овој процес како несреќен случај.
„Мене тоа ме плаши, а има виновници, има кривични дела, особено вечерта непосредно кога е настанот, но има и други дела системски, коишто се провејувале. Зошто градоначалникот, без надзор потпишал согласност за пренамена на објектот? Зошто Државниот пазарен инспекторат 10 години не извршил надзор? Затоа реков дека системските слабости таму се големи, но големи се пропустите и вечерта. Кој дозволил таму некој да внесе пиротехника? Да не плукаме по бендот. Тие се дојдени таму да направат забава. Понатака, сопственикот бил должен да ги отвори сите врати по одреден период. Тој бил должен во 24:00 да ги отстрани сите малолетни лица. Ако не можел да ги отстрани требал да повика помош од полицијата“, вели Ѓурчевски.
Целото интервју погледнете го во видеото