(ВИДЕО) Ѓоргиевски: Продолжите со креирање, со пасијата и бидете истрајни за да дојде вашето време

➡ Дамјан Ѓоргиевски е соработник на Семос Едукација. Со него планираме да влијаеме и да ја унапредиме индустријата на на гејминг, да понудиме нови обуки во оваа индустрија и са најдеме клиенти кои ќе вработуваат луѓе од Македонија, слушатели на Семос Едукација.

Дамјан Ѓоргиевски е соработник на Семос Едукација. Со него планираме да влијаеме и да ја унапредиме индустријата на на гејминг, да понудиме нови обуки во оваа индустрија и са најдеме клиенти кои ќе вработуваат луѓе од Македонија, слушатели на Семос Едукација.

-Го започнав мојот пат пред 10 години, почнувајќи од средно Уметничко, потоа продолжувајќи на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Во меѓувреме целата моја желба беше да работам на видео игри инспириран од тоа што јас самиот играв видео игри уште од самиот почеток на мојот живот кога дојдов до првото „Nintendo“. Освен тоа, цртав на се што ќе стигнам.

-Целта ми е да го инспирирам секој што сака да оди на овој пат да оди без да се сомнева, затоа што стереотипите во Македонија или било каде дека од уметност нема живот се погрешни. Не само што ми даде убав живот, туку ми даде и шанса оваа професија јас да се занимавам со нешто што е многу благородно, односно да инспирирам генерации и генерации низ целиот свет со моите дела, со моите видео игри, со моите друштвени игри и тн.

-Во последно време сум фокусиран да оставам нешто зад себе, затоа што преку проектите кои ги сработивме преку фирмите за коишто работев на тоа ниво сакам да придонесам на полично ниво. Инспириран за тоа сум од неколку контакти што ги имав со фанови на делата кои ги работев, кои уште од млада возраст ми пријдоа и ми рекоа дека сум ги инспирирал да појдат по тој пат. Истите тие запишаа уметност, истите тие запишаа фотографија, филм или било што ги занимава, што ќе допринесе за наредната генерација.

-Мојата контрибуција сакам да ја направам преку мои лични дела, преку мои лични книги и виде игри, затоа што таа шанса ја имав многу малку работејќи за други компании и претпоставувам дека патот на сите вас ќе биде многу сличен. Но немојте да се обесхрабрувате затоа што преку секое искуство што го имав научив нешто и тоа нешто ми се најде колку и да не очекував дека ќе биде корисно.. Како на пример започнав да работам со 3Д. Тоа 3Д ми се најде пет години подоцна кога отидов да работам во Финска, затоа што не бараа само концепт артист, туку бараа и 3Д генералист којшто ќе работи текстури и 3Д моделирање.

-Со текот на времето тоа исто знаење го искористив да станам Арт директор. Кога дојдов до позицијата на Арт директор за првпат осетив што значи да се има автономија како уметник и да се твори на свој начин. За среќа ми беше дадена шансата да го правам тоа на свој личен проект, со мој личен тим кој јас го оформив барем половично и имав едни од најубавите години. Додека го работевме тој проект, успеав да дизајнирам свој свет, да дизајнирам свој наратив и да пренесам своја порака. Претпоставувам дека на многу креативци тоа им е сонот. Затоа им препорачувам на сите што сакаат да одат на овој пат да не се оттргнат. Иако ми требаше да поминам многу години работејќи за други, тоа не го гледам како загуба, го гледам како скалило по скалило, едно по едно кое морав да го искачам за да дојдам до тоа сега да имам своја фирма, да вработувам луѓе и да работам на свои проекти.

-Исто така би препорачал да не се ограничувате само на едно, затоа што секоја креативност што ја работите, без разлика дали е директно поврзана со цртање, дали е дигитална, дали е традиционална, ви придонесува на вашето знаење. Тоа е нешто што ќе ви се најде во многу наврати, не само во професионалниот живот, туку и во личниот. Запаметете дека да се работи не е само да се сработи работата, туку е да се комуницира со колеги, да се однесува професионално и прво и основно да сте човек.

-Една од работите кои ги пренесувам на моите студенти, бидејќи нудам менторства во последниве неколку години, е дека скилот е нешто што вие ќе го негувате целиот живот. Никогаш нема да дојдете до високо ниво. Но односот кој ќе го поставите кон вашите колеги е тој што ќе ограничи дали вие ќе одите до прво ниво или ќе стигнете до максимум. Тој однос е односот на пасија и односот на љубов кон својата професија, односот кон вашите колеги и емотивно интелигентна комуникација која ќе ви помогне вие да се разберете во било кој проблем.

-Ова е многу битен фактор затоа што за да влезете во гејминг или во илустрација вие треба да сфатите дека работите на продукт. Секоја индустрија си има свои правила и си има свој начин на работа во кој што вие ќе мора да се вклопите и да почитувате одредена хиерархија. Ова е нешто коешто не се учи на било кој курс или на било кое училиште и ќе морате сами да го искусите. Затоа мојот совет е да се впуштите во професионалните води што побрзо можете и самите да најдете кој архетип ќе бидете вие на работното место.

-На крај би препорачал да сите продолжите со креирање, да продолжите со пасијата која ја имате и да бидете истрајни за тоа да дојде вашето време. Јас сум убеден дека секој доколку е искрен животот ќе го однесе таму каде што треба да го однесе и би ви препорачал колку можете толку повеќе да создавате, затоа што уметноста не е само професија, туку уметноста е нешто што е многу битен дел од општеството.

Дамјан Ѓоргиевски, Арт Директор во Firebloom publishing, предавач на едукативната програма Passion to Profession во соработка со Македонската унија на гејминг индустријата, на тема Art Design in Video Games.