(ВИДЕО) Шукова: Секој треба да чувствува лична и морална одговорност после ваков изборен резултат

➡ Продолжуваме со процесот на консолидација на партијата. За нас 2024-та беше тежок изборен циклус, треба време за консолидирање. ➡ВМРО-ДПМНЕ има дупло и многу повеќе гласови, но евидентен е нивниот пад и е многу поголем во проценти во однос на нашиот пад на гласовите на овие локални избори. ➡ Партиското раководство ќе заседава овие денови. Се прават анализи, треба да видиме какви се резултатите по општините и најскоро ќе ја информираме јавноста по однос на прашањето за поддршка на кандидати од опозицијата. ➡Секој треба да чувствува лична и морална одговорност после ваков изборен резултат. ➡ Никој од нас не е пуштен низ вода. Ние сме изградени личности со сопствени кариери и точно знаевме во каков изборен циклус влегуваме. Влеговме чесно, со чесни програми коишто требаше да им покажат на граѓаните дека имаме проекти и мерки коишто треба да ги подобрат состојбите, вели за магазинот Трилинг, Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.

„Не е прашањето дали очекувавме или не очекувавме ваков исход од изборите. Ние секако настапивме со реална програма и во Скопје и во општините низ Македонија – она што им е потребно на граѓаните за да се вратат во најголем дел функциите, особено во Град Скопје. Но да не заборавиме дека не очекува втор круг и дека во вториот круг има 16-17 општини кадешто се бориме за градоначалничко место, така што сметам дека ова не е дебакл на СДСМ земајќи предвид колку гласови освоивме на парламентарните избори виз а ви излезноста која се движеше околу 60% и сегашниот број на гласови виз а ви излезноста која се движеше околу 49%.

-Продолжуваме со процесот на консолидација на партијата. За нас 2024-та беше тежок изборен циклус, треба време за консолидирање. Критиките деновиве коишто ги слушаме во јавноста, секако оние коишто се добронамерни, само ќе ни помогнат во понатамошна анализа и консолидација како треба да се одвиваат работите во партијата“, вели за магазинот „Трилинг“ кандидатката за градоначалник на Град Скопје и потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.

Прашана дали Социјалдемократскиот сојуз всушност стана маргинален политички фактор, Шукова вели дека тие како партија се лидери на опозицијата.

„Гласовите на ниво на држава го покажуваат тоа. Сѐ уште имаме најмалку дупло повеќе гласови од Левица којашто се обиде да се прикаже како лидер на опозицијата. Тоа апсолутно не е точно. Простата математика покажува дека лидер на опозицијата е СДСМ. Мислам дека сите анализи и констатации во спротивна насока не се точни“, вели Шукова.

Таа додава дека во СДСМ имало првични разговори да се лоцира овој изборен резултат.

„Правиме анализи на ниво на секоја општина – каква беше излезноста на граѓаните, колкав број од граѓаните ни дадоа поддршка. Така што ќе работиме посериозно и овие денови во однос на тоа кои чекори треба понатаму да ги преземеме. Но јас критиките ги сфаќам во една насока. Тоа е дека партијата треба да остане активна на својот пат.

-ВМРО-ДПМНЕ има дупло и многу повеќе гласови, но евидентен е нивниот пад и е многу поголем во проценти во однос на нашиот пад на гласовите на овие локални избори“, вели Шукова.

Прашана дали како потпретседателка СДСМ лично чувствува одговорност и дали смета дека треба да поднесе оставка, Шукова вели дека секако секој треба да чувствува лична и морална одговорност после ваков изборен резултат.

„Јас и во интервјуата што ги давав и пред изборите велев дека ние започнавме еден процес на консолидација којшто траеше 14-15 месеци и тоа е многу краток временски период имајќи предвид со каков изборен резултат се соочивме во 2024 година. Сметам дека треба сѐ уште да работиме на нашата консолидација. Во однос на она што го имавме како почетна точка во 2024 година веднаш после изборниот циклус и она што успеавме да го направиме во овој период очигледно е дека не е доволно, меѓутоа оди во правилна насока“, вели Шукова.

Таа вели дека пратениците биле дел од активностите што биле спроведувани во текот на кампањата, а за тоа дали тоа било доволно или не смета дека сега не е време за таква дебата.

„Можеби треба да се прашаат пратениците, но јас сметам дека доволно беа застапени во делот на активностите коишто беа дел од кампањата на СДСМ“, додава Шукова.

Прашана за иницијативата од пред две години, подготовка на нова партиска стратегија што треба да ја подготви тим предводен од проф. Игор Ивановски, и дали не е време да се напушти форматот дека СДСМ е државотворна партија оти какво фајде кога и понатаму победува евтиниот популизам, национализам, односно дали всушност клучни беа зголемувањата на пензиите…, Шукова вели дека сето тоа имало големо влијание и очигледно тоа било стратегија на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние остануваме државотворна партија којашто се бори и за интересите на државата пред сѐ, но и на граѓаните коишто живеат во неа. Ние никогаш не го напуштивме концептот дека оваа држава мора да влезе во патот на европските интеграции и дека мора да се отворат преговорите со ЕУ ако сакаме да имаме ред, повеќе финансии во државата и подобри услови за живот на граѓаните. Тоа секако дека чини гласови, меѓутоа сметам дека ние нема да го напуштиме тој пат, бидејќи сме биле и остануваме да бидеме државотворна партија. Секој гол популизам, јасно им е на граѓаните, а и на нас, чини гласови , но мислам дека од правилните политики на СДСМ никогаш нема да отстапиме“, вели Шукова.

Прашана дали СДСМ е виновна што денес Мицкоски има апсолутна власт, Шукова смета дека тоа не може да се стави во еден таков единствен контекст.

„Не верувам дека само СДСМ е виновна за она што се случува во државата. Впрочем не сме ние единствената опозициона партија во државата, а за жал сѐ уште најголем дел од критичарите се занимаваат само со СДСМ, не се занимаваат со другите опозициони партии. Мислам дека во најголемиот дел сѐ уште се владее со популистички мерки коишто системски не и прават добро на државата и тоа ќе се покаже во една временска рамка. Впрочем тоа се покажува и во економските показатели кои ги гледаме во изминатите месеци, без разлика од кој тип се. Секако дека има влијание како СДСМ се однесува како опозициона партија, но повторно ќе кажам – нашите политики се добронамерни и се во интерес на државата. Не се во интерес на популизмот и во добивање на глас плус а тоа да не е во интерес на граѓаните и на државата“, вели Шукова.

Каја Шукова

За тоа дали во вториот круг ќе даде поддршка за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, Шукова вели дека став во однос на тоа прашање сѐ уште немаат.

„Партиското раководство ќе заседава овие денови. Се прават анализи, треба да видиме какви се резултатите по општините и најскоро ќе ја информираме јавноста по однос на ова прашање“, вели Шукова.

Околу одредени мислења дека д-р Маја Мојсовска на овие избори била „пуштена низ вода“ и дали партијата ќе застана со поддршка за Стевчо Јакимовски во Општина Карпош, Шукова вели:

„Никој од нас не е пуштен низ вода. Ние сме изградени личности со сопствени кариери и точно знаевме во каков изборен циклус влегуваме. Влеговме чесно, со чесни програми коишто требаше да им покажат на граѓаните дека имаме проекти и мерки коишто треба да ги подобрат состојбите. Во однос на поддршката за Стевчо Јакимовски сѐ уште немаме изградено став и за тоа ќе ја информираме јавноста во деновиве што доаѓаат“.

Прашана дали по локалниве избори избори и понатаму гласно ќе бараат предвремени парламентарни избори, Шукова вели дека тоа е процес којшто неминовно, најверојатно во краток временски период ќе треба да се случи.

„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ покрај тоа што не покажа резултати во Град Скопје и општините во него, а повторно ја доби поддршката од граѓаните, неминовно е дека во одредена временска дистанца најверојатно ќе треба предвремени парламентарни избори. Она што го кажуваме е дека како партија сме спремни и за таков еден процес, без разлика дали тоа ќе е случи за два, три, пет месеци или можеби за една година“, вели Шукова.

Прашана дали за не не е поразителен фактот дека кандидатот на владејачката партија во Кочани доби поголема поддршка, во ситуација кога во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ се случува една таква национална трагедија, Шукова вели дека тука работите ги гледа од морален аспект.

„Јас би се запрашала на кое ниво ни е моралот во државата, а особено можам да речам и во Кочани. За мене тоа беше податок кој што едноставно и три дена после изборите не можам да го прифатам, особено заради тоа што таму се случи една сериозна трагедија во којашто загинаа многу млади животи. За мене е непоимливо како можеше во еден таков контекст кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ да добие таква поддршка. Но тоа е прашање за една поширока дебата, не само на ниво на Кочани туку и пошироко во државата“, вели Шукова.

Целото интервју со потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, погледнете го во видеото.