(Видео) Шашевски: Општеството е полно со предрасуди за лицата со аутизам

„Зборот 'ретардиран' што го употребија децата кон Дарија јас го слушам секој ден меѓу нас. Го слушам помеѓу младите, но не само таму, го слушам секаде меѓу луѓето кога сакаат некого да означат на некој начин. Тоа децата го слушаат, го примаат. Го примаат и го повторуваат, било тоа на лулашки, во школо, на големи одмори, на екскурзии. Тоа кај мене побуди многу страв и немоќ, и така сфатив каде како општество се наоѓаме на тој еволуциско-едукативен пат. Мене нормално дека ме болеше. Јас плачев кога сфатив што се случува со мојата ќерка. Сфатив каде се наоѓаме и каде живееме и колкав пат треба да поминеме и ние како родители треба да издржиме, за да го пренесеме факелот на другите родители и понатаму“, вели Шашевски.

„Се започна околу втората година. Видовме дека повторува работи, има проблем со фокусот на очите, не те гледа во очи, си прави свои шеми кои се карактеристични за децата што се карактеристични во аутистичниот спектар, оди на прсти… Значи некои работи се случуваа односно се повторуваа како кај другите деца со аутизам“, изјави во „Трилинг“, новинарот Бојан Шашевски, родител на дете со аутизам, за тоа кога првпат како родители откриле дека нивната Дарија се соочува со аутизам и како го менаџираат овој проблем.

– Така го отпочнавме патот. Одевме на една, две ,три дијагнози. Почнавме и сами да учиме, оти пред да знаеме за состојбата на нашето дете, не знаевме претходно за аутизмот. Верувам дека е така и кај другите родители. Знаете, дознавате за аутизмот што се случува кога ќе го имате во своето семејство, кај своето дете, роднина или пријател.. Тогаш повеќе почнувате да учите за самата состојба, да читате, да го одите оној цел едукативен и здравствен пат што секој родител го оди. Ние го изодевме. Сакале или не сакале моравме да го изодиме и сега знаеме многу работи. Затоа се појавуваме по телевизии, по медиуми, верувам дека и сите родители коишто го имаат сето тоа сакаат да ја тераат таа кауза, не само за своите деца, туку за целата заедница да може да ги научи овие работи, а после целата таа заедница да ја научи пошироката заедница и да дава крилја на целиот овој процес, вели Шашевски.

За тоа како ја примиле информацијата кога прв пат разбрале од лекарите дека нивната ќерка е дете со аутизам, Шашевски вели дека ниту еден процес не е лесен.

„Според она што го читав, според она што го знаев, според она што го насетував, бидејќи мене ми беше скоро и јасно, тоа беше само една потврда од лекарите. Потврда од професионално, медицинско лице, потврда која што беше тешка.

-Низ глава ти поминуваат многу работи, целиот животен пат дека ќе ти се смени. Целиот професионален, личен план, целата идеја за себе си ќе ти се смени затоа што знаеш дека со детето мора да поминеш посебен образовен пат, посебно што живееш во Македонија, ги знаеш какви се условите, колкав е развојниот праг на општеството, едукативниот пат, менталитетот на луѓето, систематските проблематики, така што тоа беше еден тежок период за нас, но се впуштивме“, вели Шашевски.

Говорејќи за предизвиците со кои се има соочено во семејниот живот, Шашевски вели дека на почеток треба да се привикнеш на самото дете.

„Оној живот што сте го имале претходно треба да го ставите на страна. Да се навикнете како да ги поставувате работите дома, бирото за работа, да се навикнувате дека постојано ќе станувате за детето, оти тоа може да биде повеќе или помалку хиперактивно, шета низ станот. Па целата соба да се претвори во една огромна галерија на цртежи насекаде“, додава Шашевски.

Околу потресното сведоштво коешто тој го има напишано за тоа како одреден дел од околината реагирала во одреден период на однесувањето на неговата ќерка, Шашевски вели:

„Зборот ‘ретардиран’ што го употребија децата кон Дарија јас го слушам секој ден меѓу нас. Го слушам помеѓу младите, но не само таму, го слушам секаде меѓу луѓето кога сакаат некого да означат на некој начин. Тоа децата го слушаат, го примаат. Го примаат и го повторуваат, било тоа на лулашки, во школо, на големи одмори, на екскурзии и се задеваат меѓу себе. Децата се задеваат, независно од нивната типичност или атипичност и тоа кај мене побуди многу страв и немоќ, и така сфатив каде како општество се наоѓаме на тој еволуциско-едукативен пат. Мене нормално дека ме болеше. Јас плачев кога сфатив што се случува со мојата ќерка. Сфатив каде се наоѓаме и каде живееме и колкав пат треба да поминеме и ние како родители треба да издржиме, за да го пренесеме факелот на другите родители и понатаму“.

За тоа како да се премостат овие општествени стереотипи, Шашевски вели дека со тек на време тие се премостуваат.

„Треба децата да се учат на емпатија, на толеранција, во самите школи инклузијата да се зголеми, да се мешаат, да не биде инклузија само на хартија или збор што е допадлив, туку инклузијата да стане живот, да стане норма, пракса, односно наш животен принцип. Родителите и самите имаат голема улога, целиот образовен систем има.

-Првата година кога почна Дарија да оди во училиште почна новиот систем на инклузија, односно во основните школи започнаа новите образовни асистенти. Тогаш требаше да добиеме асистент одма, но не добивме. Мојата екс сопруга мораше со Дарија заедно да оди во школо, да ја држи за рака, значи она практично и глумеше асистент. Затоа имаше проблем со работодавач, па мораше да го организира своето време за да му даде на своето дете она што му треба, затоа што системот во тој момент не го обезбеди она што требаше, вели Шашевски.

Целото интервју со Бојан Шашевски погледнете го во видеото.