(Видео) Чупеска: Упад во судството, надворешна политика без компас – вака држава не се води

-Ние го браниме уставниот принцип за поделба на власта на Законодавна, Извршна и Судска. Дали во ВМРО воопшто се свесни што значи институтот Интерпелација и за кого е наменет? Дали во ВМРО-ДПМНЕ свесно ги заобиколуваат законските можности и облигации за разрешување на овие членови според Законот којшто е Lex specialis и кој ја пропишува постапката и начинот за разрешување? Што значи тоа, дека утре ако му текне на мнозинството да ги разрешуваат уставните судии тоа ќе го направат? Значи збориме за принципи. Ние ги браниме принципите на правдата без коишто демократијата не е можна, вели Чупеска и додава - Интепелацијата како институт не е наменета за овој тип на јавни функции.

Забелешката на секој нормален граѓанин во земјава е дека нешто длабоко со судството не е во ред и дека нему му се потребни реформи. И за мене лично, и на ниво на партија, и како професионалец ова е многу болна тема. Зошто? Затоа што од независноста, ефикасноста, интегритетот, кредибилитетот на судството зависи степенот на демократијата на едно општество. Не е попусто тоа што некои од демократиите ги нарекуваме правосудни демократии, имено заради важноста на независноста на судството. Но и оваа интерпелација ја сметаме за многу опасна работа, затоа што е вонуставно спроведена, вонзаконски спроведена и секој може да забележи дека тоа е школски пример за мешање на Извршната власт во Судската власт, со нејзиното апсолутно мнозинство во Собранието.

-Системот на поделба на власта на независна Судска власт, Законодавна и Извршна власт е темел на секоја демократија и кога имате ситуација да овие две други власти, бидејќи нели сега апсолутното мнозинство е во спрега со Извршната власт, фактички излегуваат од своите уставни надлежности, се мешаат директно во судството. Со тоа не допринесуваат никако за реформи, напротив, допринесуваат во она што го велиме мешање, обратното од тоа што тврдат дека го прават. Они од една страна викаат дека не се мешаат во судството, а од друга страна отворено заплашуваат, отворено пратениците на ДПМНЕ прават јавни линчови со имиња и презимиња на судии и сега Собранието си ги пречекорува своите надлежности под инструкции на Извршната власт и директно упаѓа во системот на поделба на власта со удар во судството. На тој начин не можат да се направат реформи“, изјави во магазинот „Трилинг“, потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска, за тоа кои беа мотивите на СДСМ да не ја поддржат интерпелацијата за петмината судии членови на Судскиот совет иако и самите како опозиција силно ја критикуваат работата на македонското правосудство како и неажурноста на делителите на правдата и ниската доверба кај македонските судии.

Чупеска вели дека не е точно дека СДСМ брани судии, особено не е точно дека бранат поединечни чинови и додава дека во овој случај социјалдемократите го бранат Уставот.

„Ако се сака да се направи суштинска реформа, која што е факт дека е неопходна и потребна, мора да се има темелен пристап. Ништо нема да се направи со разрешување на петте членови коишто имаат своја, ваква или онаква историја, за којашто патем и јас лично сум пишувала и сум ги осудувала по првите скандали кога беше незаконското менување на претседателот на Судскиот совет. Значи тука воопшто не станува збор за бранење на поединечни членови. Ние тоа не го правиме и немаме намера намера да го правиме. Ние го браниме уставниот принцип за поделба на власта на Законодавна, Извршна и Судска. Дали во ВМРО воопшто се свесни што значи институтот Интерпелација и за кого е наменет? Дали во ВМРО-ДПМНЕ свесно ги заобиколуваат законските можности и облигации за разрешување на овие членови според Законот којшто е Lex specialis и кој ја пропишува постапката и начинот за разрешување? Што значи тоа, дека утре ако му текне на мнозинството да ги разрешуваат уставните судии тоа ќе го направат? Значи збориме за принципи. Ние ги браниме принципите на правдата без коишто демократијата не е можна, вели Чупеска и додава – Интепелацијата како институт не е наменета за овој тип на јавни функции.

Фото: Трилинг / проф. д-р Ана Чупеска

„Самата природа на Интерпелацијата во правната и политичка доктрина не се однесува на судството коешто мора да остане независно. Ние не викаме да нема реформи, ние викаме да нема реформи на ваков начин, затоа што на ваков начин се врши упад во третата власт од страна на Извршната со нејзината полуга во апсолутното мнозинство во Собранието.

Уставниот поредок е на удар, власта прави упад во правосудството. Дали обидот на власта на мала врата да се смени составот на Судскиот совет е гест на политички деспотизам иако на сите ви е сосема јасно дека мора да се најде решение за да се излезе од овој зачаден круг во кој судството е на најниска можна гранка околу довербата.

„Ние и како партија и како професионалци и стручната јавност стои на тоа дека мора да се најде решение. За почеток не треба со вакви „плукни-залепи“ решенија. Ова сега меѓу народот се вика „плукни-залепи“. А сите решенија за начинот како да се изведе реформата, стојат многу конкретно и експлицитно наведени во сугестиите на оценската мисија, во „Прогрес“ извештаите сите до еден наназад, па и замислете во последниот извештај и на ММФ, што не било случај до сега, се адресираат овие прашања. Штом власта сака вака „плукни-залепи“, завиткано во целофан на реформи, значи под параван на реформи сакаат да инсталираат свои луѓе таму, тоа не може да биде реформа. Реформата бара суштински, аналитичен, севкупен, инклузивен, темелен, одржлив концепт.

-Еве ќе се сменат пет, ќе се стават нови пет, ќе дојде новото законско решение, по старово ако ги бираат што направиле? – ништо не направиле. И уште нешто, дали со заплашувањето, јавниот линч, сатанизација од пратеници врз судии и конкретни предмети се постигнува реформа во судството? Не може со тоа, можат само да ги заплашат судиите, а заплашени судии може да бидат независни судии? Поткупливи судии може да да бидат независни – Не! Затоа треба системски, севкупен, темелен процес којшто ќе биде национално и надпартиски структуиран со вклучена стручна јавност, а ние веќе ги имаме решенијата. Тие се секаде во сите овие документи коишто претходно ги наведов, вели Чупеска.

Говорејќи за тоа дали кога се вели дека власта прави упад во правосудството, го имаат предвид и фактот дека во нивно време со нивен амин беа извршени измените на кривичниот законик со кои застареа дел од предметите кои произлегоа од аферата „Прислушкување“, дел од случаите беа преквалификувани, Чупеска вели дека она лично, но и целото раководство на СДСМ сметаат дека тоа е огромна грешка која не треба да се повтори.

„Дури сметаме и бараме начини како да ја поправиме таа грешка сега и за тоа сме целосно свесни и неколку пати јавно сме го кажале тоа“, додава Чупеска.

Осврнувајќи се на тоа дека секогаш кога СДСМ ја критикува, Владата на Мицкоски одговора со дека постои постојана спрега помеѓу СДСМ и ДУИ и врз основа на таа поврзаност на ова ниво е донесена државата – на клиентелизам, корупција, криминал, проф. Чупеска вели дека факт е дека како партија се имаат дистанцирано од ДУИ заради оправдани и неопходни причини.

„Но на секој ваш пропуст, од типот на бегството на Груби, од типот на ова со „Пуцко петрол“, од типот на меѓуетнички теми и дразнење на граѓаните на најосетливите точки на соживотот, кажува сосема спротивно – дека спрегата не е помеѓу СДСМ и ДУИ, туку помеѓу ДУИ и ДПМНЕ. Така што овој филм којшто го продаваат и којшто е многу плиток и во суштина има само пропагандна порака, нема никаква врска со реалноста. Ние идните коалиции ќе си ги градиме врз основа на принципи во коишто веруваме и со коишто може да се коалицира. Таква коалиција имаме, со различни партии од различни етнички припадности. Во претстојниот период, на локалните избори, ќе видиме како ќе коалицираме, така што системот на атрибуирање дека ние што сме во опозиција, СДСМ и ДУИ, заедно работиме нешто по ходници, апсолутно не е точно. Тоа во психологијата се вика „систем на проектирање“ или „држете го крадецот“ – кога оној што го прави нештото го проектира тоа нешто на другиот. Класична психолошка конверзија и пропагандна техника, вели потпретседателката на СДСМ, проф. Ана Чупеска.

Говорејќи за тоа каде се старите кадри на СДСМ сега, во однос на тоа дека Мицкоски сѐ уште им дава простор и функции на истите во неговата партија, Чупеска забележува дека е неблагодарно да се споредува една демократска партија како СДСМ, со една авторитарна и командантска ситуација во ДПМНЕ.

„Сите на свој начин се тука. Ова го нагласувам затоа што во рамките на демократските редови никој никогаш не е присилуван да прави нешто што не сака или слично. Луѓето кога чувствуваат потреба се тука, кога не ја чувствуваат не се тука. На крајот на денот и како демократска партија тоа подразбира дека можеби со некои работи некој не е согласува, но штом ќе се согласи ќе биде тука. За поединечни имиња јас не можам да коментирам зошто не се тука. Со Гордан Георгиев соработката е добра, сите добронамерни совети што доаѓаат ги примаме со задоволство. Игор Ивановски, колку што ми е познато, е во комуникација со раководството. За Шилегов немам информации. Она што се сеќавам е дека на Фејсбук пишуваше нешто што во тој момент мислам дека не беше адекватен форум за некои несогласувања, но отворени се вратите за секој што сака да допринесе“, додава Чупеска.

Фото: Трилинг / проф. д-р Ана Чупеска

Осврнувајќи се за првиот тест за тоа дали опозицијата се рехабилитирала, а тоа се локалните избори, и дали во овој момент може да се види профилот на идниот градоначалник на Скопје, Чупеска вели дека тоа е се што е спротивно на ова што денес го имаме како вмровски кандидат, Данела Арсовска.

„Скопје го врати во камено доба. Тотална нечистотија, апсолутно неорганизиран превоз. На секое ниво промашување. Ете тоа се вмровските кандидати“, рече Чупеска и не откри кој би можел да биде кандидат за прв човек на градот од редовите на СДСМ.

Околу македонската надворешна политика и како тоа ВМРО-ДПМНЕ кое до вчера беше антизападно расположен сега стана најголем поддржувач на политиките на Трамп, а социјалдемократите станаа жестоки критичари на „трамповизмот“, Чупеска вели дека СДСМ не е критичар на „трамповизмот“, туку се критичари на надворешната политика без компас која ја демонстрира ДПМНЕ.

„ДПМНЕ тоа што го прави во надворешната политика мислам дека ни петгодишно дете нема да го направи. После 30 години градење на едно стратешко партнерство и давање такви жртви на оваа земја за да бидеме визибилни на меѓународен план, сега имаме, не гаф, туку едно тотално несериозно однесување на нашата дипломатија, премиерот особено, бидејќи нели он прв запоседнува простор.

-Овие скандали, преседани што ги направија во Обединетите нации се крајно непринципиелни, крајно неодговорни, фактички го разнишуваат целиот наш труд во развојот на меѓународната позиција на Македонија и тука нема ништо против Трамп, уште помалку против граѓаните на Америка. И нека биде јасно, ние сме за темелно статешко партнерство со САД, какво што имаме и тоа така треба да продолжи и сме за продолжување на нашиот пат кон членство во ЕУ затоа што ние ги отпочнавме преговорите. Е сега, бидејќи постои тензија на линија Трамп – ЕУ и постојат извесни безбедносни предизвици – во смисла на градење на стратешката автономија на ЕУ и нејзините одбранбени капацитети, трговска војна помеѓу овие два ентитети, што мајка бараме ние својата глава да ја буткаме таму во среде тој проблем, наместо да изградиме мудра, конзистентна и политика од личен интерес, интерес за нашата држава. Светот е во многу деликатна состојба – геополитички, глобално и регионално, ние мораме да бидеме многу внимателни и многу мудри како ќе се позиционираме.

– Да речеме дека ова што го направија со последните потези во меѓународната политика е со добри намери за приближување кон посилниот, па со тоа ние да добиеме подобри позиции во преговарањето со Бугарија и во однос на членството во ЕУ. Прашањето е дали нешто такво видовме? Не! Можеби мотивот им бил добронамерен, но ефектот дава сосема спротивен резултат, вели Чупеска и додава дека во консталација на заострени односи помеѓу Европска унија и Вашингтон тешко е на маса да се стави темата за интеграција на Западен Балкан.

„Не сум сигурна дека тоа може сега да се случи од причина што тензијата помеѓу овие два субјекти е толку голема што на крај на памет не им е спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Затоа голема грешка беше што го испуштивме моментот со уставните измени. Не велам не, дај Боже да се направат дополнителни дипломатски напори ова да дојде повторно на масата и ние како СДСМ се што е подобро решение дефинитивно ќе го поддржиме. Но такво нешто не гледаме дека има“, вели проф. Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ.

Целото интервју дадено за магазинот „Трилинг“ на потпретседателката на СДСМ, проф. д-р Ана Чупеска, погледнете го во видеото.