„Не се средуваме како држава. Она што плаши е дека се занимаваме како народ со небитни работи, идејата дали ќе го изговорите името на државата Северна или Македонија, тоа не влијае на проблемите што ги имаме. Како и да ја наречеме земјата, таа има уставно име, но имаме Клиника каде хируршките сали не работат веќе 10 дена“ – вели д-р Ирена Цветковиќ – Институт за општествени и хуманистички науки во најновото издание на Трилинг.
Таа смета дека „и прашањето на ресори во Владата е погрешно поставено. Дали се поставува прашањето кој е најдобриот за таа позиција или на кои партии треба да им се даде дел од колачот. Кога колачот се дели партиски, а не по заслуги, тогаш имаме проблем и тоа треба да не загрижи“.
„Не можам да разберам, седум дена имаше експертски толкувања на симболичниот чин на нашата претседателка, а во исто време врховен судија е фатен со поткуп од 10.000 евра. Како правните експерти не сметаат дека ова второво заслужува апсолутно внимание, а ова првово ако има спектакл, ставете го во спектакл. Свесно се прави дефокусирање. Ние сме втурнати во економија на внимание. Политиката станува арена во која се игра според правила на инфлуенсери. Колку повеќе кликови, толку подобро за вас. Тоа е погубно за една демократија. Не ми е важно како претседателката ја ословува државата, важно ми е што ќе направи за во оваа земја ние да се чувствуваме безбедно и удобно“ вели Цветковиќ.
На прашање дали по изборите можеме повторно да бидеме „горди“ и дали „Македонија ќе биде твоја“, таа вели:
„Јас чувствувам љубов кон својата земја, не ми треба никој да ми ја враќа или одзема. Посрамена сум од политичарите во земјава. Непријатно е кога надвор треба да објаснувам дека пациенти треба да чекаат за да се оперираат. Верувам дека Македонија може да биде горда“.
Цветковиќ, која беше дел од Шарената револуција вели дека „Правдата е привилегија на богатите. Во нашите затвори, ако погледнете, нема да ги најдете олигарсите, оние кои го оштетиле буџетот, но ќе најдете луѓе кои се од десеттиот ешалон. Жалам што наивно ја разбравме политиката тогаш (Шарената револуција), не разбравме дека за да се стигне до правда и мир потребно е промена на системот, а тоа не можеме да очекуваме да почне од најголемите партии. Никој не не втурна. Тие кои ја преземаа одговорноста за тоа, не успеаја да ги донесат постулатите за кои се удираа во гради“.
„Правда е возможна само ако системот кој ја одржува таа неправда комплетно се демонтира. Тоа не треба да не плаши. Правдата не е само она што се случува во судница. Системот е прилично недискриминаторски, сите ние кои не уживаме некои привилегии – плаќаме данок“ вели Цветковиќ.
На прашање дали македонскиот Устав може кој како сака да го толкува, чита, и да го прилагодува, вели „Ако без проблем некој може да дојде да ви ја удри колата и да замине без ништо, ако некој ви го украде велосипедот и никогаш не го пронајдете – зошто тогаш би се почитувал Уставот. Ако не се почитуваат најосновните закони, последно на памет ми е Уставот, живееме во општество каде немате никаква правна сигурност“.
Цветковиќ на прашањето дали во 21 век патријархатот се уште доминира, ќе каже „Да, не мислам дека дека треба да се форсира идејата за родова еднаквост. Секој од нас е различен, ова не е општество ниту само на мажи, ниту на жени, туку на луѓе“.
За обраќањето на претседателката Силјановска Давкова при инаугурацијата, каде говорот го посвети на жените вели „Оддекот на тој говор беше важен, за жените во политиката треба да се зборува, но не само за жените. Сме имале лице со попреченост во политика? Не. Овие прашања се важни, жалам што нема поголема рефлексија. Да ги прашаме жените од претходниот собраниски мандат како поминаа. Ќе ви кажам – завршија со душевна болка, беа предмет на линч. Последното истражување покажа 7.000 коментари насочени кон 3-4 пратенички, најголем дел од нив беа повик за силување и убиство“.
„Со реформи не постигнавме ништо, треба да се размислува за цел, а не за поени, па по 10 години да се видат првите резултати“ децидна е Цветковиќ.