„Бевме сведоци особено минатата година какви се скандалозни случувања имавме во Судскиот совет, апелиравме да си дадат оставка членовите, како морален и етички чин. Оставка немаше. Препораките од Оценската мисија се спроведуваат. Новиот закон нуди нови измени. Факт е дека треба да има промени. Тоа што се случуваше во Судскиот совет ја поткопа довербата кај граѓаните, ако немате доверба во телото кое ги избира самите судии… Очигледно е дека луѓето немаат доверба во правосудството. Се надевам дека сето тоа ќе се среди“ вели Александра Цветановска – претседателка на Здружение на млади правници.
Таа вели дека „треба промени како се избираат членовите од страна на Собранието. Треба да се истакнати правници, сметавме дека таквите членови треба да се избираат на јавен и транспарентен начин, нужно е да ги види јавноста. Мора да се внимава да немаат никаква врска со власта, со политичка партија. Мораме довербата во правосудството да ја вратиме пред се со Судскиот совет. Никаква нагла промена нема да вроди со плод, треба опсежна анализа“.
„Со таква нагла промена, со која ќе ги смените сите членови на Судски совет и Совет на јавни обвинители не сметаме дека е добра. Законите треба да се менуваат, особено при имплементацијата. Во однос на СС треба внимателно да се разгледа кои членови треба таму да седат. Само судии со највисок интегритет, етички вредности. Минатата година имаше флагрантно кршење на законите, имаше скандалозни случувања“ вели Цветановска.
Смета дека „луѓето кои треба да се таму треба да се истакнати правници, кои имаат знаење, стручност, визија за тоа како да ја вратиме довербата во правосудството“.
„Тоа што се направи со Кривичниот законик, тоа е поткопување на принципот на владеење на правото, кај повеќе од 40 постапки настана застареност. Судиите тука немаа влијание. Не треба секогаш прстот да е вперен кон судиите, туку и кон оние кои ги носат законите. Судството е третата власт, нема потреба да се даваат изјави и да се прават притисоци кон оваа власт“ смета Цветановска.