(ВИДЕО) Хибридна војна или предизборна стратегија – разговор со професорите Пивоваров и Николовски

➡Треба да се вклучат повеќето безбедносни институции, не само МВР, тука треба и останатите релевантни институции да се вклучат и неслучајно постои Советот за координација кој треба сето ова да го искоординира помеѓу службите. Клучна улога тука треба да одигра и Агенцијата за разузнавање која што делува надвор од територијата на Македонија и Агенцијата за национална безбедност којашто ја следи внатрешната проблематика како пласирањето на дезинформации, лажни информации коишто во многу нешто можат да наштетат во делот на  безбедносниот систем, вели Николовски.➡За ваквите нешта од официјални лица што ги слушаме, дека имаме хибридна војна, хибридни напади, Пивоваров смета дека се апсолутно неодмерливи, односно нема никаков показател или нешто конкретно да изнесат за тоа што го тврдат. ➡Хибридна војна е пресериозна работа. Гледате кај нас не функционира Советот за безбедност, односно не е свикан. Земја членка сме на НАТО, имаме право на договорот и член 4 да побараме помош, но такво нешто не се случува.➡Хибридна војна е воен израз. Генерално предвидува употреба на неконвенционални средства како што се и пожарите, но досега немаме ништо од тоа да се соопшти која држава не нападна, кој центар од надвор, центар на моќ како што велат, центар на моќ од внатре - значи нема кривични пријави како што кажа и самиот министер, нема нешто поконкретно за да може да се држиме до тој израз, затоа што пресериозна е заканата „Хибридна војна“➡Но прашањето е периодот - дали се работи за политички маркетинг пред изборите, дали е осознавање на непостоечки непријател, а ние сега ќе ве браниме од тој непријател. Значи многу верзии и претпоставки се и не можам да сфатам кога официјалните лица велат дека „да имаме факти, но претпоставуваме“, вели професор Пивоваров. 

„Она што треба да се каже во делот на хибридните е дека во последниот период не се закана само за Македонија како мала земја, хибридните закани се многу присутни и во земјите од опкружувањето. Јас би тргнал од самиот поим што значи тоа хибридна закана. Значи имаме микс на повеќе видови на закани. Овие што се подметнување на пожари, тоа е само една мала капка од сериозните закани кои што демнеат по безбедноста. Од тој аспект треба да внимаваат не само безбедносните институции, туку и општествената заедница во следење на овој вид на закани, затоа што имаме градација.

-Кога станува збор за заканите имаме потенцијален ризик, наредната фаза е закана и ако дојде до загрозување веќе тоа е последната фаза, вели за „Трилинг“ професорот од Факултет за безбедност Марјан Николовски, околу се позасилените информации за хибридни закани и евентуалната превенцијата од истите.

проф. Марјан Николовски, Факултет за безбедност

За тоа колку нашиот безбедносен систем е ранлив, пробивлив, Николовски смета дека тој е поставен онака како што треба и секој си ја врши работата како што треба, но кога станува збор за хибридните закани на можеме да се потпреме само на една институција.

„Треба да се вклучат повеќето безбедносни институции, не само МВР, тука треба и останатите релевантни институции да се вклучат и неслучајно постои Советот за координација кој треба сето ова да го искоординира помеѓу службите. Клучна улога тука треба да одигра и Агенцијата за разузнавање која што делува надвор од територијата на Македонија и Агенцијата за национална безбедност којашто ја следи внатрешната проблематика како пласирањето на дезинформации, лажни информации коишто во многу нешто можат да наштетат во делот на  безбедносниот систем, вели Николовски.

проф. Владимир Пивоваров, Факултет за безбедност

Околу релевантноста на изјавите на властите дека сме цел на хибридни напади, дека одредени домашни па и странски центри на моќ да влијаат врз стабилноста на државата, професор Владимир Пивоваров вели дека досега нема ништо целосно поткрепено.

-Инаку доколку има таква ситуација сите треба да помогнеме – кој и да е, од каде и да доаѓа, без разлика на верска, етничка, политичка или било каква припадност. Но кон што да се потпреме? Кон само две – три реченици кои нон-стоп се повторуваат во иста форма, во иста фраза, а никој не дава никаков аргумент. На крајот на краиштата ако имало такви сознанија ние велиме дека превенцијата е најдоброто решение за сите можни последици. Последиците ги видовме, меѓутоа доколку службите имале такви сознанија како што се најавува, тогаш зошто не е превенирано, зошто немаме уапсено лица. Значи ние веќе имаме некои кривични пријави, меѓутоа тие кривични пријави се однесуваат за сосема друго кривично дело, а не како што беше најавено – уривање на уставниот поредок. Значи треба да бидеме малку одмерени во изјавите. Сепак јавно искажаниот збор многу значи.

-За ваквите нешта од официјални лица што ги слушаме, дека имаме хибридна војна, хибридни напади, сметам дека се апсолутно неодмерливи, односно нема никаков показател или нешто конкретно да изнесат за тоа што го тврдат. Хибридна војна е пресериозна работа. Гледате кај нас не функционира Советот за безбедност, односно не е свикан. Земја членка сме на НАТО, имаме право на договорот и член 4 да побараме помош, но такво нешто не се случува.

-Хибридна војна е воен израз. Генерално предвидува употреба на неконвенционални средства како што се и пожарите, но досега немаме ништо од тоа да се соопшти која држава не нападна, кој центар од надвор, центар на моќ како што велат, центар на моќ од внатре – значи нема кривични пријави како што кажа и самиот министер, нема нешто поконкретно за да може да се држиме до тој израз, затоа што пресериозна е заканата „Хибридна војна“. Сепак кај граѓаните се влева страв кога ќе слушнат војна. Но прашањето е периодот – дали се работи за политички маркетинг пред изборите, дали е осознавање на непостоечки непријател, а ние сега ќе ве браниме од тој непријател. Значи многу верзии и претпоставки се и не можам да сфатам кога официјалните лица велат дека „да имаме факти, но претпоставуваме“, вели професор Пивоваров.

Разговорот со професорите Николовски и Пивоваров погледнете го во видеото