(Видео) Хеликоптерот со иранскиот претседател имал проблем со слетувањето

Иранскиот министер за внатрешни работи Ахмед Вахиди објави дека еден од хеликоптерите од конвојот во кој се наоѓал претседателот Ебрахим Раиси „имал проблеми со слетувањето“, пренесе Ројтерс.

Лошото време и густата магла ги попречуваат спасувачките напори, а иранската новинска агенција Фарс ги повика Иранците да се молат за претседателот.

Како што јави Би-Би-Си, не е јасно дали иранскиот претседател Ебрахим Раиси бил во хеликоптерот за кој државните медиуми објавија дека има проблеми при слетувањето.

Според локалните медиуми, Раиси се упатил кон градот Табриз, во северозападен Иран, додека се враќал од границата со Азербејџан, каде ги отворил браните Киз Каласи и Ходаафарин.

Во конвојот имало три хеликоптери, од кои два превезувале министри и службеници кои безбедно пристигнале на својата дестинација, пишува Гардијан.

Со Раиси во авионот бил и министерот за надворешни работи на Иран, Хосеин Амир Абдолахиан.

Спасувачите се обидуваа да стигнат до местото, соопшти државната телевизија, но беа попречени од лошите временски услови во областа, пренесува АП.

Иран поседува неколку хеликоптери, но меѓународните санкции го отежнуваат набавувањето на делови за нив. Воената воздушна флота, исто така, во голема мера датира од пред Исламската револуција во 1979 година.

Раиси, пишува АП, е тврд човек кој претходно го водеше судството во земјата. Тој се смета за штитеник на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, а некои аналитичари сугерираат дека тој би можел да го замени 85-годишниот лидер по неговата смрт или оставка.