(ВИДЕО) ФИБА судијката Никочевиќ за битката со туморот: 2025-та ја паметам како нов почеток и лична победа

➡Откако ми соопштија дека е тумор на главата бев само позитивна и сметав дека ќе се оперирам и дека ќе бидам добро. Не паничев многу, но бев шокирана. Јас знаев дека ќе се изборам со сето тоа, само не сакав најблиските околу мене да се нервираат. ➡Кошаркарската федерација беше преангажирана за мене. Ми велеа каде сакаш ќе се оперираш. ➡Д-р Филипче ми беше единствениот којшто го знаев и знаев дека има спасено многу животи. Сакав тој да ми биде докторот. Со него бев посмирена, знаев дека сум во добри раце и не бев толку испаничена. ➡2025-та ќе ја паметам како нов почеток на животот и лична победа. ➡2026-та предизвик ми се меѓународните натпревари, вели Ема Никочевиќ, македонска кошаркарска судијка во ФИБА која успеа да се врати на кошаркарските терени по битката со туморот на глава.

„Кога бев петто одделение сите другарки и другари се запишавме на кошарка. Се роди љубов кон кошарката. Играв се до 26 години. Кога играв во втората лига во Шведска на 21 година скинав лигамент. Таму истовремено судев и бев тренер на деца“, изјави во Трилинг Ема Никочевиќ, македонска кошаркарска судијка во ФИБА, говорејќи за почетоците на нејзиното кошаркарско патешествие.

„Повредата не беше пресудна да ставам крај на кариерата. На 24 години се вратив во Македонија. Се пријавив да бидам и судија. Требаше да изберам или да судам или да играм. На 24 години кариера не можев да градам, така што одлучив да судам.

-Патот до судија на ФИБА не е лесен, меѓутоа жените имаат поотворени врати. ФИБА секоја година дава една лиценца за жените, но и за тоа треба да положиш и Федерацијата да те предложи за тоа место. Треба да имаш 25 години, да имаш судено во највисокиот ранг во државата две години и потоа доаѓа до физичкиот тест и теоретскиот дел. Кога сето тоа ќе го поминеш можеш да станеш дел од ФИБА“, вели Никочевиќ.

Говорејќи за животниот предизвик, битката со туморот на главата, Никочевиќ вели дека претходно таа немала никакви здравствени проблеми.

„Одлучив да играм. Се пријавив на турнирот во Велес да играм. Ме прашаа што правиш, како си, и во тој момент јас не можев да одговорам ништо и мислев дека имам паничен напад. Не можев да кажам ниту еден збор. Одеднаш почна главата да ми се врти накај десната страна, да ми трне раката. Многу брзи мисли почнаа да ми доаѓаат. Се прашував што ми е, дали ќе останам инвалид, дали е епилептичен напад, дали ќе бидам во количка. Се собраа луѓето да видат што ми е. Среќа што бев таму, да бев сама дома не знам што би било со мене. Среќа имаше брза помош и ме однесе во болница. Ми кажаа дека е многу лошо и дека морам да се вратам во Скопје. Ме снимаа и докторите не ти кажуваат дека е тумор, туку ти ја даваат ублажената форма – циста на главата.

-Откако ми соопштија дека е тумор на главата бев само позитивна и сметав дека ќе се оперирам и дека ќе бидам добро. Не паничев многу, но бев шокирана. Јас знаев дека ќе се изборам со сето тоа, само не сакав најблиските околу мене да се нервираат“, вели Никочевиќ.

Фото: Трилинг / Ема Никочевиќ

Околу тоа каде се оперирала Никочевиќ вели дека имала избор.

„Среќа Кошаркарската федерација беше преангажирана за мене. Ми велеа каде сакаш ќе се оперираш. И д-р Венко Филипче ми беше исто понуден. Во Државна болница имаат предобри неврохирурзи и Филипче ми беше единствениот којшто го знаев и знаев дека има спасено многу животи. Сакав тој да ми биде докторот. Со него бев посмирена, знаев дека сум во добри раце и не бев толку испаничена“, вели Никочевиќ.

За чувството после оперативниот зафат и рехабилитацијата и повторното враќање на терен како судија, Ема Никочевиќ вели дека имала цел да се врати на терен што е можно поскоро.

Прашана како ќе ја памети 2025-та, Ема вели дека ќе ја памети како нов почеток на животот и лична победа.

„Таа борба за животот ме прави уште посилна и сметам дека сега треба да одам кон повисоки цели. 2026-та предизвик ми се меѓународните натпревари. Сега би сакала да дојдам до тоа ниво за машки и женски судија“, вели Никочевиќ.

Целиот разговор погледнете го во видеото.