(Видео) Унковски: Владее апатија и разочарување меѓу граѓаните и тоа е многу опасно

„Луѓето генерално се многу разочарани од тоа што нема некои поконкретни придвижувања. Апатијата е многу опасна и мораме некако да се соочиме со таа апатија, односно да излеземе од неа и да имаме попроактивен пристап“, вели Унковски.

„Јас имам една фасцинација со Јуруците која трае подолго време. Воедно една од главните теми на филмот и нешто што многу ме интересира е контрастот помеѓу модерното и традиционалното, што многу е присутно на овие простори, а е посебно нагласено во јуручките заедници“, изјави за магазинот „Трилинг“, режисерот и сценарист Георги М. Унковски за наградите и огромниот успех на филмот „Диџеј Ахмет“, и додаде дека голема инспирација имал од документарниот филм „Девојчето и тутунот“ од режисерката Билјана Гарванлиева, како и фасцинацијата од селата и ликовите кои ги запознал за време на подготовката на филмот.

„Филмот е пред сѐ на турски јазик. За да се долови таа автентичност кај Јуруците таа приказна не ни може да биде на друг јазик. Пред сѐ фокусот беше што поавтентично да го доловиме животот на Ахмет кој е Јурук од селото Али Коч и мислам дека успешно го направивме тоа, вели Унковски.

Фото: Трилинг / Георги М. Унковски, режисер

– Миксот на жанровите (драма и комедија) мене многу ми се допаѓа, мислам дека и во животот драмата и комедијата често се испреплетуваат. Македонија е едно поднебје кое е мешавина од многу култури, јазици, народи, така што сметам дека филмот од тој аспект доловува една од тие култури на Македонија која е автентична за Балканот и за Македонија, додава Унковски.

За него еден од успесите е што хуморот од Али Коч успеал да се пренесе во Јута, САД.

„Имавме смеење од преполни сали, така што мислам дека тоа е најголемиот успех за мене лично, што успеавме да раскажеме нешто на универзален начин“, вели Унковски.

Американската публика енавикната на некои шаблони, односно е бомбардирана со одредени типови на филмови, така што онаа публика, посебно таа што доаѓа на „Sundance“ да погледене независен филм многу е заинтересирана за културите од светот, многу ја интересира да погледнат филмови кои не се вклопуваат во таа матрица на американски филм и стоа тоа мислам дека го прави „Диџеј Ахмет“ возбудлив за американската публика. Јас би сакал што е ожно побрзо тој да заигра и в пред македонската публика во македонските кино сали“, вели Унковски.

Говорејќи за филмскиот буџет во Македонија, Унковски смета дека за земја како нашата тој е многу мал и дека имаме капацитет да произведуваме многу повеќе филмови и серии кои со неколку исклучоци не се ни произведуваат.

„Ги имаме луѓето, го имаме талентот, оној кој сѐ уште е останат и не е пребеган во Србија, каде што голем дел од наши професионалци веќе наоѓаат свој спас. Мислам дека имаме капацитет, имаме луѓе, имаме талент, може да покажеме многу повеќе од тоа што го покажуваме и се надевам дека ќе се зголеми буџетот и ќе се поддржи уметноста.

-Не знам зошто толку малку средства се издвојуваат за културата и пред сѐ за филм. Мислам дека во моменти на криза културата има најголема важност, така што не ми е логично дека буџетите за култура се намалуваат заради криза. Мислам дека во тие моменти, тие буџети дури треба да растат, бидејќи културата не е лускуз, туку е нешто нужно за човечкото преживување.

За бунтовноста кај младите, Унковски вели дека секогаш му се допаѓала, и дека младината секогаш треба да биде бунтовна.

„Мислам дека тоа е еден од аспектите на младоста – да се биде бунтовен и најчесто младите знаат да ги разбудат постарите малку повеќе да согледаат некои работи“, смета Унковски.

За тоа колку денешната гласност, гневот на граѓанството може да изврши притисок за поголем институционален ангажман, режисерот Унковски вели дека сега сме доведени до ситуација на апатија.

Фото: Трилинг / Георги М. Унковски, режисер

„Луѓето генерално се многу разочарани од тоа што нема некои поконкретни придвижувања. Апатијата е многу опасна и мораме некако да се соочиме со таа апатија, односно да излеземе од неа и да имаме попроактивен пристап.

-Апатијата и бесперспективноста се должат на разочарување, на верба и изневерување на одредени надежи и тоа кога се случува почесто, што во Македонија мислам дека често се случува посебно кај младите луѓе, мислам дека тоа води кон една апатија која што веќе дури и надежта се чини како луксуз. Чувството за неправда и чувството дека еден човек не е ценет во својата околина мислам дека се многу поголеми фатори од финансиските примања, иако сигурно и тоа игра улога, но сметам дека ако не можеме ние да се цениме едни со други, ако не можеме да го цениме она што е квалитетно, тоа е главната мотивација за многу млади луѓе да излезат од државата.

Она што мора да го научиме е да се радуваме на туѓиот успех. Тоа е една човечка карактеритика што спојува, а не разделува и мислам дека треба да го смениме пристапот, бдејќи навистина сме многу мал број на луѓе. Мора да се сложиме за неколку основни работи, а тоа е дека поддржуваме квалитет, се радуваме на меѓусебниот успех и одиме напред. Живееме во траги-комичен филм, бидејќи научени сме да најдеме хумор во тоа што не потиштува, научени сме да преживееме, научени сме да истрпиме, така што тие работи кога ќе се спојат мислам дека живееме во една траги-комедија, иако трагедијата се дефинира по крајот на драмата. Се надевам дека нема да доживееме крај, туку ќе имаме некој нов почеток кој што ќе го смени жанрот понатаму“, потенцира Унковски.

Целото интервју со режисерот и сценарист Георги М. Унковски дадено за магазинот „Трилинг“, погледнете го во видеото.